ДЕХРАН МУРАТОВ
Ефективен притвор доби актуелниот министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите, Шабан Салиу, кој е еден од новоосомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени. Салиу беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) од 2008-ма до 2017-та, односно во периодот кога е отворено кабарето „Пулс“ кој изгоре во пожарот на 16-ти март 2025 година.
Во моментов Салиу се наоѓа во притвор, а министерството без ресор остана и без министер.
Прашањето е – кој ќе го замени? Со оглед на тоа дека тоа министерство нема заменик министер (или можеби има, јас не знам), сеедно, во наредниот период ќе бидат стопирани сите негови предвидени активности (ако ги има(л)).
Иако, во изминатите неколку месеци и немаше некакви активности за подобрување на животниот стандард на Ромите, освен неколку партиски ифтари за Рамазан и партиска журка по повод 8-Април, Денот на Ромите во која присуствуваше и премиерот Мицкоски.
Како и да е, Ромите нема да го почуствуваат неговото „отсуство“, бидејќи и досега не чуствуваа(т) дека им се подобрува животот и статусот.
Од досегашната работа и резултати се добива впечаток дека Министерството без ресор за интеграција и имплементација на декадата на Ромите, повеќе служел како декор на Владата. А и Декадата на Ромите одамна е завршена. Во меѓувреме, додека министерот Салиу ќе ја докажува својата невиност, министерството без ресор не смее да остане без раководител, или да згасне, напротив, треба да заживее и да работи со заслилено темпо.
Искрено се надевам дека ќе одговараат вистинските виновници за трагедијата во Кочани…