ВМРО –ДПМНЕ денеска уште еднаш ја обвини СДСМ дека ја третира државата како лична сопственост овој пат во контекст на, како што велат, злоупотребата на службеното возило на директорот на БЈБ, Лазе Велковски кој го користел за свои лични потреби.
Во истиот манир, во соопштението на опозицијата се вели дека функционерите на СДСМ ги злоупотребија државните пари, парите на граѓаните и дека е евидентен обидот да го оштетат буџетот на Република Македонија за милионски суми со доделување тендери на фиктивни фирми креирани за една употреба. Односно, за локалните шерифи на СДСМ, вели опозицијата, веќе е востановена праксата на злоупотреба на службената должност.
Во вториот дел од соопштението до јавноста побараа одговорност од правосудството што ќе води до Правна држава, а последователно и до „граѓани со крената глава што гордо ќе можат да кажат дека Македонија победи!“
„Додека граѓаните 11 години осиромашуваа ВМРО-ДПМНЕ спроведе невиден грабеж. Бројни примери за расипничка, дрска и безобразна злоупотреба на парите на граѓаните и државните институции, почнувајќи од криминалните тендери и јавни набавки, преку криминални шеми за плацеви на Водно, Мајбах очила од 60.000 илјади долари, па се до вртоглави фактури и сметки за ручеци на вработени во УБК со месо од коњ и бизон“, потсетува СДСМ потсетувајќи дека сега барем се работи одговорно, транспарентно и се постапува доколку има било какви неправилности.
„ВМРО-ДПМНЕ сака да измислува скандали онаму кадешто ги нема, само за да ги прикрие штетите од нивното деструктивно однесување, против македонската иднина. На опозициската партија треба да и биде јасно дека времето на криминал, корупција и злоупотреби заврши“, се вели во соопштението на СДСМ опоменувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека нивното време на злоупотреби на државните ресурси и на парите на граѓаните заврши со нивното заминување од власт.
Б.Ј.