пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Многу пати во изминатите три децении, па и подолго, бев запрашан дали со моите постапки се спремам да влезам во политиката. Чудно е сфаќањето за политиката. Човекот е социјално, но и политичко битие – сè што прави, па и не прави, претставува некаков облик на политичко дејствување.
НЕ СУМ ПОЛИТИЧАР, НО СЕ ЗАНИМАВАМ СО ПОЛИТИКА, СЕ РАЗБИРА!
Луѓето најчесто го сфаќаат значењето на поимот политика ограничено, а со тоа мислат само на политиката што се однесува на политичките партии и институциите на власта (влада, парламент итн.). Не е политика само тоа. И еве, да им одговорам на сите добронамерни и на оние кои тоа не се: немам намера да станам политичар, но немам намера ниту да се откажам од учество во политиката, како активист за човекови права, како граѓанин и како медиумски работник.
Точно е дека сум постојано присутен и активен во јавноста, но никогаш со намера да станам политичар. И ќе останам активен и гласен поддржувач на прогресивните идеи во нашето општество. Тоа е сè. Можеби не е доволно, можеби за некои е премногу, но тоа е.
ПОЛИТИКАТА СЕКАКО СЕ ЗАНИМАВА СО СИТЕ НАС. ЗОШТО ДА ДОЗВОЛАМ ДРУГ ДА ОДЛУЧУВА НАМЕСТО МЕНЕ?
И ќе продолжам да ги повикувам сите свесни и совесни граѓанки и граѓани да учествуваат во политиката, бидејќи таа е насекаде околу нас. Ако не се занимаваме ние со политиката, таа сигурно ќе се занимава со нас, сакале ние или не.
Еден од наједноставните примери за тоа како некој што „не го интересира политиката“, сепак, учествува во неа и без да сака, е апстинирање од гласањето. Секој што не гласа, му дава право на некој друг да одлучи за иднината на државата или општината во која живее. Не дека некој ќе му го злоупотреби гласачкото ливче (го имаше и тоа во минатото), туку дека тие што ќе гласаат, тие ќе одлучат. Зошто да дозволам друг да одлучува наместо мене?
Може да биде опција што ви се допаѓа, но може да биде и политичка структура што ќе го загорчи вашиот и животот на вашите блиски. И во едниот и во другиот случај, не сте учествувале во одлуката, а со апстинирањето сте подеднакво одговорни за политиките што ќе се водат во следниот мандат.
СОЈУЗНИЦИ ВО ОДБРАНА НА ПОСЛАБИТЕ И ОНЕПРАВДАНИТЕ
Кога ќе заврши гласањето, не завршува можноста за секој од нас да учествува во креирањето или корекцијата на политиките. Тоа може да се прави на најразлични начини, преку граѓански иницијативи и организации, петиции, обраќања преку медиумите и социјалните мрежи, протести.
Кога на работното место, на улица или во било која друга институција ќе застанете во одбрана на некој човек што трпи дискриминација поради припадноста или определбата, вие сте веќе во политиката. И тоа на голема врата. Не е тоа партиска политика, тоа е граѓанска политика. И да сте член на политичка партија, вашиот акт на одбрана на човек што трпи неправда, е граѓански акт.
ПОЛИТИКАТА РАБОТИ ЗА ВАС САМО АКО ЈА КОНТРОЛИРАТЕ
Ако вашите вредности се исти или слични како на некој политичар или политичка партии, тоа не ве прави автоматски припадник, па дури ни симпатизер на тој политичар или политичка партија. Напротив, со вашиот јасно и гласно искажан став за важни прашања и за вредностите кои ги застапувате, само ја зајакнувате политиката која ги застапува и практикува вашите вредности.
Ако се согласувате со дел од ставовите на некоја политичка партија, тоа не значи дека сте дел од неа. Напротив. Тоа значи дека таа политичка партија е дел од политиката што ги одразува вашите ставови и определби.
Политиката работи за вас само ако ја контролирате и ако критички ѝ пристапите. И најдобрата политичка гарнитура може да се расипе, ако нема свесни и гласни граѓанки и граѓани кои ја контролираат и учествуваат во градењето на нејзините политики.
Мислам дека се разбравме до тука. Вреди да се размисли за ова. Без мрчење.
Текстот е личен став на Авторот.
Creative Commons 4.0