поентира: ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ
Најдобро што може да прави во моментот главниот ковид-координатор е да престане да координира.
*
Во секоја фирма ќе мора да има ковид-координатор, кој нема да работи ништо друго освен што ќе се грижи за спроведување на протоколите за справување со коронавирусот, додека главниот ковид-координатор, за да се појави дневно повеќепати на телевизија, ќе мора да се грижи и за многу други работи.
*
Кога реисот Сулејман Реџепи јавно, јасно и гласно се закануваше дека ќе ги повлече сите забрани за верски собири и со тоа нема да може да се сопре ширењето на новиот вирус меѓу граѓаните, дека нема сила што ќе може да се бори против епидемијата, да гарантира дека тука тогаш ќе стане Бангладеш, Бујар Османи, во својство на Главен ковид-координатор во државата, ќе го оправдува дека „реисот бил погрешно разбран”.
Нема да реагира Бујар и кога поглаварот на ИВЗ ќе ја прогласи својата победа над корона вирусот на целата територија на државата. Ќе продолжи Бујар паралелно да ги координира и десетте илјади активисти на ДУИ да ги посетат, како што тврди Али Амети, повеќе од 2000 семејства, само за да им кажат дека не се сами.
*
Чудно е што од вчера не тргна еуфорична кампања на тие што примаат плата без да одат на работа, нивниот „историски лидер” да го предложат за иден премиер на Македонија. Предлогот сигурно со акламација ќе биде прифатен и од ВМРО, додека Заев ќе остане со прстот в уста, иако нa Али и на неговите соработници им го скри криминалот и корупцијата.
*
Со изборот на Талат за претседател на Собранието, само Трајко Велјаноски се спаси од затвор, Албанците останаа каде што беа. Инаку, Талат не е прв Албанец на таа функција, ниту е познато дека некој Македонец е спасен од затвор во тоа време.
Несфатливо е кога сите луѓе, во целиот свет и кај нас, се загрижени и живеат во страв од опасноста од ширењето на корона вирусот и секој ден расте бројот на заразените, а има и умрени, во Македонија, поради претстојните избори, Али Амети да прогласи дека дошло време за Албанец премиер.
Тешко дека со него ќе се согласи и Садула Дураку кој пред неполни две години од Липково упати повик „Албанците да не се мешат со каурите”. Овде нема друго објаснување, освен ако не се работи, или за некој скриен хаос во партијата или за паника од негде да не пукне некоја “бомба” пред изборите. На крајот на краиштата, што ќе добијат Албанците или ќе изгубат Македонците, ако премиерот биде Албанец? Само, кому да објасниш.
*
Не се исклучува можноста, ако ВМРО победи на изборите, да прифати и премиер Албанец, само што тоа многу скапо ќе го наплати. За ДУИ битно ќе биде само конечно да се спасат од одговорност за долгогодишниот криминал, корупција и неморал.