пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Македонското образование е слично на финското или, во полош случај, како шведското. Незаслужено, само финскиот образовен систем е прогласен за најдобар во светот, место од каде што излегуваат среќни и исполнети млади луѓе. Таков е и македонскиот систем, но светските заговорници никако да му признаат на македонското образование дека е прекрасно. Училиштата се места каде што работат луѓе посветени на работата со децата, каде што политиката, партиите и верата немаат пристап во училниците, а децата секој ден се вклучени во процес во кој се поттикнува нивната креативност. Се разбира, ова се редови напишани со крајна иронија и горчлив подбив. Со разочарување што трае со години и децении…
СОНК повика на предупредувачки штрајк на првиот училиштен ден. Како изгледа синдикалното организирање во образованието? Разговарав со неколку луѓе од образованието и од синдикалното здружување на работниците, за да го изострам фокусот и да го изградам ставот врз основа на аргументи и искуства на релевантни луѓе, а најмногу од паталци.
Но, да расчистиме со позициите прво. Правото на штрајк е едно од најважните човекови права во светот. Штрајкувачот е заштитен со закон. Според мене, штрајкувачот е секогаш во право. Платата на работниците никогаш не е доволно висока, за кој сектор и да се работи, приватен или јавен, додека платата на директорите, газдите, функционерите и шефовите од било кое ниво, никогаш не е доволно ниска.
Но, Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), иако на прв поглед изгледа така, никогаш вистински не ги застапувал работничките права на наставниот кадар. Тие секогаш играат со власта. И во времето на Груевски и сега. Друго е прашањето, алармантно и стравично, што режимот на Груевски го претвори образованието и наставниот кадар во мелено месо.
Што се случува со најавениот штрајк? Ова е илустрација за манипулациите со работничките права, а не за борба за повисоки плати. Како тоа? СОНК потпиша колективен договор со министерот за образование, Арбер Адеми, според кој бруто минималната плата во образованието е 13.000 денари, во услови кога во државата, нето минималната плата е 12.000 денари, односно бруто платата е околу 17.000 денари, според закон. Чиста манипулација.
Кога би се одело според логиката на законот, а не според логиката на штетниот колективен договор, наставниците би земале плата накај 40.000 денари, а не како сега, нешто над 20.000 денари. Да потсетиме, просечен личен доход во Северна Македонија е 26.000 денари. Наставниците не можат ни да сонуваат за плата што е еднаква на просекот во земјата, а камоли повеќе. Но, како што рековме, СОНК никогаш немал проблем да поддржува било која влада, на сметка на интересите на наставниците. Сѐ додека власта ги легитимира како репрезенти на наставниот кадар, тие немаат проблем да потпишуваат колективни договори без и да ги прочитаат.
Членството ја обезбедува репрезентативноста на СОНК. Но, тоа во овој момент е многу мало. Во училиштата во Скопје и низ Македонија често има најмногу по десет членови на овој синдикат. Тоа е малку за СОНК да биде вистински репрезент на интересите на вработените во образованието, науката и културата. Затоа, штрајкот е алатка за билдање на членството. Членовите на синдикатите се заштитени со закон. Исплашени дека, ако се втурнати во штрајк, а не се членови на СОНК, наставниците може да изгубат работа, па затоа, кога СОНК најавува штрајк, членството се зголемува. Значи, кога СОНК е тенко со членство, почнуваат со штрајкови. Тоа нема врска со работничките права и со висината на платите, туку со бројноста, а бројноста ја полни касата…
Владата, доколку сака навистина да покаже дека е засегната со социјалната правда, може да го раскине колективниот договор и да побара од некој независен синдикат или самата да подготви нов, според кој наставниците ќе добијат достоинствена плата. Но, воедно, да направи длабоко орање и во наставните програми, а од училниците и наставничките канцеларии да ја ги избрка партиите и религијата. Не е толку многу работа колку што се чини на прв поглед.
Среќен почеток на новата учебна година, кога и да е, каков и да е!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.