Министерството за образование и наука објави Конкурс за доделување 1.200 стипендии за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година, со рок за аплицирање до 10 октомври 2024.
Стипендиите ќе бидат доделени во четири категории во зависност од постигнатиот успех на средношколците Роми во последната учебна година, со месечен износ од 1.200 до 3.000 денари во траење од девет месеци.
Во објавениот Конкурс се наведени условите што треба да ги исполнуваат кандидатите и потребните документи кои треба да ги прикачат на http://e-uslugi.mon.gov.mk заедно со пополнетата електронска пријава.
Списокот со избраните кандидати ќе биде објавен на 11 ноември 2024 на интернет-страницата на Министерството за образование и наука.
МОН исто така објави и Јавен повик за ангажирање педесет ромски oбразовни медијатори за поддршка на основното образование на Роми за учебната 2024/2025 година. Во повикот се наведени критериумите за избор на медијатори и општините во кои е потребен нивниот ангажман.
-Улогата на образовниот медијатор е да помогне и презема активности за подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата, спроведува редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во основното училиште со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците, презема активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците, наведува МОН во објавата.
За ангажманот на ромските образовни медијатори хонорарот месечно ќе изнесува 18.000 денари бруто за период од три месеци во текот на 2024 година и седум месеци во текот на 2025 година.
Кандидатите кои ќе се пријават треба најдоцна до понеделник (30 септември 2024) до Министерството за образование и наука да ги достават документите наведени во Јавниот повик.
Извор: МИА