пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
“Револуција е потполн преод од еден систем во друг или промена на постојниот систем.“ – Артистотел.
Пребарувам, да видам што за светот значи поимот револуција и секаде наидувам на поимот – промена. Тодор Павлов, големиот филозоф роден во Штип во своето дело “Теорија на одразот“ вели – револуцијата го забрзува разрешувањето на спротивностите во општеството кои по еволутивен пат би ги менувале односите во него.
Токму на местото каде тој е крстен и каде неговиот татко бил учител по веронаука, вчера се заврши протестниот марш на опозицијата. Како и на секој партиски собир, паднаа големи зборови за историјата и континуитетот. Немам намера да анализирам што сакаат да ни порачаат политичарите, ниту да го вреднувам празникот 23-ти Октомври – Ден на македонската револуционерна борба. И онака имаме аналитичари за секоја тема и прилика. Ќе се обидам да ви раскажам две интересни приказни за поврзаноста на личностите, на кои се повикуваме кога го толкуваме минатото, како потврда на континуитетот.
Помеѓу два рида стеснета, на сто метри од црквата Успение на Св. Богородица во Ново Село е родната куќа на Ефрем Чучков. Револуционер и војвода на Македонската револуционерна организација. Учел во Штип и Солун, а во Воената академија во Софија со Гоце Делчев. Заедно со Тодор Лазаров и Мише Развигоров е главен организатор на револуционерната организација во целиот регион. Познати се неговите слики со Гоце Делчев пред Илинденското востание. Најпозната слика е со Дамјан Груев при одржувањето на конгресот на Скопскиот револуционерен округ. Станува и резервен член на Централниот комитет. По завршувањето на Првата светска војна заедно со Тодор Алекандров го возобновува ВМРО и е втора личност во Организацијата. Тешко болен 1923 година умира во Софија.
Неговиот брат останува во Штип и често е малтретиран од разните власти и властодршци. Во неговото семејство 1901 година е роден Емануел Чучков кој учел во Штип, Скопје и студирал во Белград. Уште од 1919 година се приклучувал на разни социјалистички револуционерни групи и учествувал во студентските протести во Штип и Скопје. Бил приведуван и интерниран во разни градови низ Србија. Учествувал 1944. година во формирањето на иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ и заедно со Ченто и Кирил Петрушев во мај 1944 година оди на островот Вис на средба со Тито. На заседанието на АСНОМ е избран за потпретседател на президиумот на АСНОМ. Во Владата на Југославија е министер за Македонија. Подоцна станува прв доктор по географски науки, учествувал во формирањето на „Танец“ и на Економскиот факултет, каде е редовен професор до пензионирањето и смртта 1967 година во Скопје. Позната е неговата слика од говорот на плоштадот во Скопје 1945 година.
Тодор Лазаров е роден 1869 година, во богатото семејство Хаџидимитриеви. Училиште завршил во Штип и Солун. Патувал низ светот, поради работа со велетрговија, престојувал во Иран, Александрија, Истанбул, но и Париз и Женева. Зборувал отомански, француски и фарси, јазик на кој се зборувало од Персија до Сицилија. Во првиот револуционерен комитет на Организацијата влегува уште 1894 година. Во комитетот го зачленил и заколнал Дамјан Груев. Во виничката афера е уапсен и затворен на четири години. Учествувал на солунскиот конгрес 1903 година, каде се противел на прераното востание. Повторно е затворен 1904 година, а ослободен по Младотурската револуција. Во времето меѓу двете затворски казни го превел од француски шекспировиот “Крал Лир“. По Младотурската револуција ја возобновува Организацијата, но се разболел од туберкулоза и умира непосредно пред Втората балканска војна. Пред смртта напишал писмо во кое стои – Македонија е загубена.
Неговиот брат Арсо останува во семејната куќа и трговијата. Од него потекнува друга лоза на револуционери – Љупчо и Тодор Арсови, комунисти, учесници на антифашистичкото движење во Втората светска војна.
Љупчо е роден 1910 година во Штип, каде и се школувал, а подоцна студирал економија во Загреб. Со комунистичкото движење се запознава во студентските денови, а член на КПЈ станува 1940 година. Во сите важни одлуки во партијата за време на Втората светска војна учествува и Арсов. Член е на највисоките партиски и воени тела. На првото заседание на АСНОМ е потписник на одлуката за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во тогашна федерална Македонија. Тогаш ја извршува функцијата секретар на президиумот на АСНОМ. Неговиот брат Тодор загинува во мај 1943 година, како комесар на плачковичкиот партизански одред. По војната, Љупчо Арсов е висок партиски и државен функционер. Министер за финансии во сојузната влада, претседател на Извршен совет на Македонија, претседател на Собранието и претседател на Претседателството на Македонија. Значи, сите највисоки државни функции што ги има една држава. Прогласен е за народен херој. Трагично загинал на 18 ноември 1986 година во Скопје.
Ова се само две презентации на генерациската поврзаноста на револуционерната борба на македонскиот народ. Вакви примери има многу и сите ја докажуваат единствената вистина. Празникот на револуционерната борба им припаѓа на сите, што како свој идеал ја земале слободата и човечкото достоинство. Припаѓале на разни движења, на разни организации во разни времиња, но имале ист идеал. Со овие два примера низ семејна поврзаност, сакав да ја покажам неделивоста на континуитетот на револуцијата и беспредметност на денешните делби на наши и нивни празници. Големите луѓе низ своите дела ги одредуваат датумите и своето време, а малите и ситни по дела ги дробат тие датуми, сакајќи да ги претворат во сопствени камчиња.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Тесктот е личен став на Авторот.