„Тоа е однапред изгубена битка, на оние про-источни сили што постојат кај нас. Целата приказна е многу стара, тие се воспоставени релации, не се од вчера, само прашањето е – темата. Темата сега се погоди, изгледаше дека можат да ја прифати и широката популација, а кај нас, за да бидеме свесни што се случува, мора да појдеме од еден непобитен статистички факт – ние сме земја на една голема функционална неписменост. И мора да се појде од тоа“, изјави новинарот Љубомир Костовски на панелот на ЦИВИЛ „Слонот во собата“ посветен на дезинформациите и пропагандата.
„Тоа значи дека имаме многу луѓе кои се формално писмени, меѓутоа тие не можат да функционираат во овој свет, со сиот негов инструментариум, на нормален начин. Тоа значи дека не можат да ги користат електорнските средства, или не го познаваат доволно јазикот, или се едноставно поводливи, во некоја смисла не се луѓе кои можат самите да размислуваат… Тоа е една голема маса луѓе, 40 отсто во Македонија се луѓе кои се пријавуваат за работа, имаат формални квалификации, меѓутоа се функционално неписмени. Како таква е регистрирана и во заводот за вработување. И подложни се на манипулации. Кај нив се уште постои она што го велиме од порано „Радио Милева“. Повеќе функционира тој систем, отколку можноста што ние велиме, социјалните мрежи да го работат тоа.
Или, кога ги користат социјалните мрежи, ги користат по веќе поставени коридори кон нив, како маса луѓе кои треба да го примат тоа. Од 70 земји што Обединетите нации во скоро време ги испитуваа, за таа функционална неписменост, ние сме на 68 место, зад нас е Доминиканската Република и Косово. Тоа е колку се тие подредени на партиска пропаганда. Со нив е многу тешко да комуницирате, и прашање е дали тие воопшто ги примаат сите овие работи што еве денеска ние ги разговараме, ги има во одредени медиуми, и ние сме сведоци овој месец на масовна промена на сопственичката структура во оние медиуми, за кои нема да речам дека беа про-западни, меѓутоа, беа неутрални“, смета Костовски.
„Одредени медиуми, портали, кои да речеме беа употребливи, за секојдневно комуницирање, кои го менуваат сопственикот, и тоа се случува интензивно, така што се расчистува тој простор и понатаму за оние кои сепак следат нешто на социјалните мрежи, да бидат подложни на пропаганда, во буквална смисла. Очигледно се вклучени средства кои едноставно прават тоа да се расчистува. Тоа го прават домашни центри, чии врски се многу јасни и очевидни, ако некој ве тера да бидете бугарски Конзул во Македонија, и ако вложите многу средства… Погледнете кои се најчести даватели на реклами во македонските медиуми“, посочува Костовски.
камера: Б. Ј.
монтажа: Ариан Мехмети