Премиерот Димитар Ковачевски вечерва на својот фејсбук-профил и се заблагодари на својата српска колешка Ана Брнабиќ поради измената на Одлуката за привремена забрана за извоз и достава на природен гас, со што гасот сепак ќе може да се извезува во Северна Македонија.
Ветив дека ќе направиме сѐ и дека ќе работиме секојдневно за никој да не мора сам да се справува со оваа криза. Струја, енергенси и храна, мора да има за сите. Токму затоа, по интензивна комуникација со колешката Брнабиќ, официјален Белград реши да ја изземе Северна Македонија од забраната за извоз на природен гас, истакна Ковачевски.
Тој нагласи дека „преку политиките на добрососедство, тесната соработка во рамки на Отворен Балкан, но и партнерскиот однос, во време на енергетска криза обезбедуваме поддршка онаму каде највеќе треба, компресиран гас за училиштата и болниците во многу градови низ земјата“.