Премиерот Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на ЈЗУ УК за ортопедски болести, каде во употреба беше пуштена реновирана хируршка сала. Со ова реновирање се заокружува еден процес кој значи осовременување на овие капацитети за лекување, хируршки интервенции и закрепнување на пациентите, на Клиниката. За реновирање на хируршката сала потрошени се 15.000.000 денари, пари обезбедени од Фондот за здравствено осигурување, а дел се донации.
„Реформите и инвестициите во здравство се процес во кој е еден од најважните приоритети на Владата. Ниту во време на најголема здравствена и економска криза тој процес не застана и затоа во изминатиот период имавме пуштање во употреба на голем број на нови реновирани здравствени објекти, меѓутоа и на пуштање на нова опрема ширум медицинските центри во државата“, изајви Ковачевски.
Финансиските средства на оваа операциона сала се издвоени од фондот за здравство во висина од 15 милиони денари или 250.000 евра, додаде Ковачевски, и има еден дел кој е донации во одреден дел од опремата.
„Со оваа инвестиција овозможивме Клиниката да има зголемен број на операции за 20% на годишно ниво а со новата опрема за пациентите обезбедивме современа и комплетна грижа. Сево ова претставува само еден мал сегмент на она што се прави во целиот систем на здравството и она што ќе се прави во оваа Клиника овде, со оглед на тоа што преостануваат уште 3 сали да бидат комплетно реновирани, дополнително и делот на КАРИЛ што ќе започне со комплетно реновирање, на тој начин ќе имаме многу посовремени услови на здравство коешто нашите пациенти го заслужуваат“, истакна Ковачевски.