На трибината, на која со свои излагања учествуваа и министерката за одбрана Славица Петровска, претседателот на Евроатлантскиот Совет Исмет Рамадани, и извршниот директот на Бизнис Клубот на Евроатлантскиот совет Свето Јаневски а преку видео врска се вклучија и амбасадорката на САД во државава, Кејт Мери Брнз и Кармен Ромеро, заменик-помошник генерален секретар за јавна дипломатија на НАТО.
Ковачевски на почетокот од своето обраќање истакна дека Република Северна Македонија го слави овој ден, заедно со своите сојузници со посебна гордост и со полно право како 30-та земја членка на Алијансата.
Оттогаш ние сме рамноправен дел од најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски демократски вредности. Нашата земја е фактор за стабилност и безбедност во регионот, во која граѓаните имаат сигурна иднина, посочи Ковачевски.
Премиерот истакна дека НАТО како воен сојуз е посветен на унапредување на заедничкиот систем за колективна безбедност.
Според Ковачевски, сојузниците како никогаш досега се единствени во одговорот на воената агресија на Русија во Украина.
Тој посочи дека како дел од НАТО направивме важни чекори за зајакнување на превенцијата и одбранбените капацитети на источното крило на Алијансата. Во овој контекст, Северна Македонија е подготвена да го преземе нашиот удел во овие напори и ние ја поддржуваме потребната долгорочна адаптација во таа насока.
Северна Македонија целосно ја усогласи и својата надворешна политика со политиките на земјите членки на НАТО и со политиките на Европската Унија и ги донесовме сите одлуки заедно со сојузниците.
Воедно, сојузниците се единствени и во реафирмацијата на повиците за санкции врз Русија. Сите земји членки на НАТО се залагаат за итно стопирање на воената агресија, а преземањето активности за економската изолација на Русија ќе овозможи деескалација на воените активности.
Заедно со нашите сојузници во НАТО внимателно ги следиме и се спротивставуваме заеднички на хибридните закани кои имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ во регионот на Западен Балкан. Ги следиме и се спротивставуваме и на операциите кои целат да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот и да создадат дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот.
Процесот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата беше долг. Но сега, во време на воена криза од вакви размери, согледуваме колку е значајно да се биде земја чијашто безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот.
Со право можеме да кажеме дека сме дел од глобалните процеси и дека заедно со нашите сојузниците ќе се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста, безбедноста, и за мирот во светот.
Во услови кога современиот свет се соочува со сериозна воена, хуманитарна, економска и енергетска криза, неопходни се заеднички мерки за соодветен и ефикасен одговор. Северна Македонија е одлучна да придонесе во справувањето со овие ризици преку заеднички пристап и соработка со нашите НАТО партнери, и со институциите и агенциите на Европската Унија.
Воедно, мотивирано, одлучно, посветено и храбро продолжуваме кон остварување и на нашата втора стратешка цел, членството во ЕУ.
Ја имаме целосната поддршка на САД и на нашите европски пријатели и високо ги цениме пораките за забрзување на отворањето на пристапните преговори помеѓу ЕУ и Северна Македонија.
Евроинтегративните процеси треба да започнат без ден одлагање. Силно верувам дека е неопходно Северна Македонија да има кристално јасна перспектива во ЕУ. Прашањето на проширување е веќе и геостратешко и безбедносно прашање. Потребни ни се предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ.
Ние сме посветени на визијата на Северна Македонија како земја на мир, стабилност и унапредена регионална и европска соработка за економски бенефит и просперитет на сите граѓани.
Затоа денеска на денот на НАТО го потврдуваме нашето единство, сплотеност и солидарност и гордо стоиме рамо до рамо со нашите сојузници.
Заедно градиме просперитетно, безбедно, мирно и слободно општество. Тоа се вредности на земјите членки на НАТО и на Европската Унија. Тоа се вредностите на граѓаните на Северна Македонија.
Затоа што ние сме НАТО. Нека ни е честит Денот на НАТО!“, рече Ковачевски на крајот од своето обраќање.












