Премиерите на Северна Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, на денешната заедничка прес-конференција во Владата соопштија дека Бугарија прифатила да го користи скратеното име Северна Македонија, подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија и нема да ја кочи употребата на тоа име во меѓународни процеси, за што ги известила и Обединетите нации. Северна Македонија пак со вербална нота до ОН потврди дека користењето на краткото име нема никаква импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија.
-Денеска со премирот Петков се договоривме дека Бугарија прифаќа да го користи краткото име Северна Македонија, подеднакво како и долгото име Република Северна Македонија. Тоа значи дека Бугарија нема веќе да ја кочи употребата на краткото име. во ниту еден меѓународен и билатерален процес и за тоа ги извести Обединетите Нации. Истовремено Северна Македонија преку министерството за надворешни работи, исто така испрати вербална нота до ОН, во врска со употребата на нашето долго и кратко име, во која изрично се потврдува дека и двете имиња се еднакво валидни и се потврдува отсуството на било каква импликација врз територијалниот интегритет на Бугарија“, истакна Ковачевски.
– Отстранувањето на прашањето за краткото име Северна Македонија од масата на разговори преку ваков усогласен и пријателски однос со двете страни за мене претставува прв голем чекор во ова наше ново поглавје. Ваквите чекори влеваат оптимизам за иднината. Ваквите чекори водат кон посилно поврзување и кон поголема соработка помеѓу двете држави и помеѓу двата народи, изјави премиерот Ковачевски.
– И јас и тој имаме иста заедничка цел да создадеме услови за подобра иднина на граѓаните на Република Северна Македонија и Бугарија. Оваа денешна посета на колегата Петков коинцидира со 30-годишнината од признавањето на Република Бугарија на нашата земја под уставното име. Бугарија е прва која не призна и направи пријателски чин во исклучително сложени политички услови. Триесет години подоцна отвораме еден нов прозорец на соработка кој веруваме дека ќе резултира со нов пријателски и добрососедски чин, поддршка за нашата евроинтеграција, рече Ковачевски.
– Северна Македонија и Бугарија се две блиски соседни држави, а Македонсците и Бугарите се два блиски и пријателски народи. Затоа денес како двајца премиери на многу блиски држави се согласивме дека влегуваме во интензивна динамика на решавање на отворените прашања со цел побрзо обезбедување на нова иднина, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција.
Ковачевски најави дека следно што треба да се направи е да се финализира договорот за прекугранична соработка за периодот 2022 – 2029 година и оти најзначаен проект од оваа област е отворањето на граничниот премин Клепало со што ќе се олеснат движењата, транспортот и трговијата. Тој најави и дека за една недела на 25 јануари ќе биде одржана седница на двете влади на која ќе бидат договорени и други конкретни чекори за унапредување на соработката во различни области и сектори.
– Ќе се формираат работни групи коишто ќе работат на конкретни проекти на зајакнување на соработката и на воспоставување на поголема доверба и на градење на односи коишто ќе значат попросперитетна иднина. Овие групи ќе работат заедно и ќе предложат заеднички проекти и активности, рече Ковачевски.
Бугарскиот премиер од своја страна, изјави дека денеска со Ковачевски имале добар и пријателски разговор и оти се согласни добрососедството на двете земји да се качи на уште повисоко ниво.
– Многу сум среќен што можам да кажам дека оттука натаму добрососедството ќе се мери со реални постигнати цели и резултати. Јас многу се радувам за напредокот што беше постигнат денеска и што можам мирно да кажам Северна Македонија, рече Петков.
Тој најави дека за два месеци реалност ќе биде и авиолинијата Скопје-Софија, како уште еден чекор напред во унапредување на соработката.
– Денеска јасно изјавуваме дека линијата Софија – Скопје ќе биде реалност. За она за што се ангажираме е дека за 30 дена ќе имаме точни специфики, а за 60 дена таа линија ќе биде воведена во функција. Така што, кога ќе почнеме да работиме со точни резултати и кога ќе даваме можност на народите од двете земји да можат слободно да патуваат, слободно да прават бизнис, рече Петков.
Тој нагласи дека со неговиот колега Ковачевски се согласни и натаму да продолжи брзината со која се движат работите со цел постојано унапредување на односите и добрососедството.
Дека тоа така ќе продолжи, потенцира Петков, говори и фактот што наскоро, веќе на 25 јануари ќе се одржи и седница на двете влади, а најави дека потоа секоја седмица една од групите ќе се состанува со јасни цели и јасни резултати. На тој начин, вели Петков, ќе им покажеме на двата народа од двете земји дека добрососедството се мери практично, а не само на ниво на политички изјави.
– Во договорот за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот и во тој правец апсолутно го поддржуваме самоопределувањето на сите граѓани во С Македонија како и употребата на сите јазици како што се опишани во Уставот. Имаме полно разбирање за тоа и ќе продолжиме да ги третираме сите прашања во тој конструктивен дух, рече бугарскиот премиер Петков во одговор на новинарско на денешната прес конференција со неговиот македонски колега Ковачевски.
Одговарајќи на прашањето дали се прифатливи одговорите на македонската страна за 5+1 барањата на Бугарија, Петков рече дека е голем оптимист и верува дека ќе ги видиме резултатите што ќе доаѓаат секоја недела,
Петков не ги прокоментира директно одговорите, но на прес-конференцијата со премиерот Ковачевски порача дека следува нов дијалог и оти работните групи што ќе се формираат ќе стават акцент на специфичните прашања.
Д.М