Димитар Ковачевски на денешната седница на партискиот Извршен одбор официјално го потврдил повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побарал свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.
-Ковачевски го потврди повлекувањето на денешната седница на партискиот Извршен одбор на СДСМ која ја најави на 8 мај, како високо морален чин и согласно Статутот на партија иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од конгресот, со оглед на изборните резултати, информира СДСМ.
Од СДСМ наведоа дека на денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, претседателот Димитар Ковачевски го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ којашто ја најави на 8-ми мај, како високо морален чин, и согласно Статутот на партија иницираше свикување Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати, велат од СДСМ.
„На парламентарните и претседателските избори СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции.
И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност“, се вели во дописот на Ковачевски до Извршниот одбор и претседавачот на Централниот одбор, Славјанка Петровска
Тој вели дека овој резултат и креираното јавно мислење беше очигледно уште на локалните избори во 2021 година кога СДСМ доживеа пораз, по што партијата не направи анализа на изборните резултати како што налага Статутот и не ги лоцираше причините за поразот за да се извлечат соодветни поуки.
„СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да се направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа“, вели Ковачевски.
Тој нагласува дека како што кажал во изборната ноќ, им порачува на сите оние кои мислат дека гласањето било против Европа или ќе се обидат да ја искористат можноста да го спречат природниот пат на Македонија кој води до Европската Унија, блокирањето на патот кон Европа не само што ќе донесе голем пад на нашиот животен стандард, туку ќе ги зголеми етничките тензии во земјата, ќе ги наруши односите со соседите и ќе не изложи на безбедносен ризик, кој никој не може навистина да процени колку може да биде голем.
„За земја како Македонија нема средина. Нема играње на две столчиња. Тоа е или напред или назад. Местото на Македонија е во НАТО и Европската Унија. Местото на Македонците со својот македонки јазик, македонска култура и македонски идентитет е во Европската Унија, место во кое припаѓаат и сите други граѓани на Северна Македонија без разлика на нивната етничка или верска припадност“, истакнува Ковачевски на дописот до Извршниот одбор и претседавачот на Централниот одбор.
Н. Абдурахмани