На оваа сесија на Самитот, на кој присуствуваат голем број претставници на бизнисот и финансиските институции од Европа и светот, премиерот Ковачевски говореше за економските политики и за финансиската поддршка наменета за странските инвеститори, кои веќе покажаа исклучително позитивни резултати и по кои Република Северна Македонија се препознава како атрактивна дестинација за странските инвеститори.
„Неколку прашања се од важност за инвеститорите кога треба да изберат каде да инвестираат, а тоа се макро економска стабилност, колку се пријателски околностите за водење бизнис и дали е развиена инфраструктурата. Во однос на првото прашање имаме стабилна макроекономска слика и тоа е осигурено со стабилниот рејтинг на земјата кој го потврди и „Стандард и Пурс“. Со добри политики одржуваме стабилна макроекономска состојба и јавен долг кој е под нивото на земјите од регионот“, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање на Инвестицискиот самит на ЕБОР за Западен Балкан во Лондон.
Ковачевски додаде дека во земјата има стабилни финансиски текови со стабилна валута како столбот на макроекономската политика која со години ја одржуваме.
Во врска со поддршката што им ја даваме на инвеститорите во Северна Македонија, рече премиерот Ковачевски, атрактивните стимулативни мерки за инвестирање се покажаа како посебно атрактивни за инвеститорите кои доаѓаат од автомобилската и ИТ индустријата а ќе имаме стимулации и за другите инвестиции.
„Денес, во Северна Македонија домашните и странските инвеститори добиваат еднакво добра и силна поддршка, а програмите се целосно транспарентни и насочени кон нови вработувања. Инвеститорите имаат можност за соработка со добри домашни изведувачи, кои постојано се унапредуваат технолошки, што значи нова машинерија, нови технолошки процеси, зголемување на продуктивноста – сето тоа создава опкружување во земјата коешто во економска смисла е повеќе од посакувано, особено после првата негативна година од пандемијата“, потенцираше претседателот на Владата, Ковачевски на самитот на ЕБОР во Лондон.
Овие добри показатели влијаеја и на намалувањето на невработеноста, информираше премиерот Ковачевски, и тоа ја достигна историски најниската стапка од 15,7%, за разлика од периодот пред 2017 година кога достигна речиси 30%.
Ковачевски го издвои како посебно значаен концептот за дуално образование како одговор на потребите на инвеститорите од стручна работна сила.
Во однос на најважните приоритети на Северна Македонија, премиерот Ковачевски ги истакна инфраструктурните проекти за актуелните фази од патното и железничкото поврзување со Република Бугарија, односно европскиот Коридор 8, кој го вклучува и вториот приоритет за поврзување на дистрибутивните системи за електрична енергија со Албанија, како и интерконекторот со Грција за поврзување со гас за стабилно снабдување со овој енергенс.
На самитот на ЕБОР за инвестиции во Западен Балкан, како за посебно значајно се издвои прашањето на енергетската сигурност и трансформацијата на енергетските капацитети кои работат со јаглен или мазут во капацитети кои користат обновливи извори на енергија.
Ковачевски нагласи дека Северна Македонија има за цел до 2030 година да ја оствари својата стратегија за целосна транзиција кон чисти енергетски капацитети и информираше за трансформацијата на постоечките електрани на фосилни горива во фотоволтаични централи, како и за поволните услови за инвестиции во соларни и ветерни електрани.
Како посебно значајни премиерот Ковачевски ги оцени инвестициите во иновации и дигитална економија и затоа како посебно добредојдени се вложувањата во ИТ секторот за што постои огромен интерес и за работа во тој сектор каде што платите се повеќе од 2,5 пати поголеми од просечната плата.
На отворањето на Инвестицискиот самит на ЕБОР за Западен Балкан во Лондон, на кој учествуваат и заменик-претседателот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими, говореа еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји и претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо.
Претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Одил Рено Басо во обраќањето на конференцијата посочи дека единството е клучно во време кога се случува руско-укринскиот конфликт и додаде дека ЕБРД игра клучна улога во финансирањето на регионот на Западен Балкан.
– Западниот Балкан е добро место за инвестирање, а присуството на сите премиери на шесте земји на денешниот настан е силна порака дека се за заедничка соработка и дека нивното место е во Европа. ЕБРД е подготвена да им помогне во тоа и е многу добар партнер за економски развој на регионот на Западен Балкан, а токму наш клучен партнер во тоа е Европската Унија. Годишно во шесте земји од Западен Балкан инвестираме по повеќе од една милијарда евра, рече Рено Басо, на отворањето на Инвестицискиот самит за Западен Балкан што првпат по две години се одржува со физичко присуство во централата на банката во Лондон.
Таа нагласи дека главната цел на ЕБРД е зелената транзиција, декарбонизацијата и дигитализацијата на земјите од Западен Балкан и им порача дека во услови на енергетска криза треба повеќе да се насочат кон вградување соларни панели за производство на чиста електрична енергија.
– Ќе продолжиме со создавањето поволна бизнис клима во Западен Балкан, потенцира Рено Басо и додаде дека во скоро време ќе ги посети сите шест земји од Западен Балкан.
Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји нагласи дека денеска може да се заклучи дека како никогаш порано не била толку значајна сигурноста, стабилноста и мирот во Западен Балкан и додаде дека денешниот настан е особено значаен за, како што рече, заедно да работиме во таа насока.
– ЕБРД е клучен партнер на Западен Балкан и веќе има вложено околу 8,3 милијарди евра во вкупно 67 проекти во сите шест земји од Западен Балкан во областа на дигитализација, енергетика, животна средина, транспорт,… ЕБРД ќе остане клучен партнер и во иднина. Во октомври 2020 година создадовме проект за да им се помогне на земјите од Западен Балкан во услови на пандемија и да го надминат јазот со земјите од Европската Унија. Се надеваме дека и денешната иницијатива ќе го подобри овој процес, рече Вархеји.
Тој најави дека во следните неколку години во земјите од Западен Балкан се планира да се вложат околу 30 милијарди евра, што, како што рече, е повеќе од една третина од вкупниот годишен буџет на шесте земји.
– Ќе им помогнеме да ги надминат проблемите со енергетската криза и снабдувањето со енергенси и со тоа ќе овозможиме младите да останат во регионот. Нашиот план за инвестиции е за развој на регионот на Западен Балкан, а без регионална соработка тоа не може да се постигне. Најважна е регионалната соработка. Западен Балкан природно и припаѓа на Европа и ќе помогнеме колку што можеме за што побрзо тоа да стане реалност, вети Вархеји.