Премиерот Димитар Ковачевски денеска соопшти дека утре ќе биде донесена финалната одлука за учество на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
Во пресрет на претстојниот ЕУ-Западен Балкан самит, денес одржавме вонреден состанок на Отворен Балкан заедно со моите колеги Александар Вучиќ и Еди Рама. Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел, објави премиерот Ковачевски на Фејсбук.
Ковачевски, исто така информира дека се разговарало и за повеќе теми кои се важни за регионот.
Разговараме и за повеќе теми кои се важни за регионот и покренавме иницијатива за Агенција за привлекување инвестиции на Отворен Балкан, која ќе овозможи дополнителен економски развој за регионот. Тема беше и претстојниот саем за храна вино и туризам кој треба да се одржи во Белград, како и повеќе други теми кои произлегоа од последниот Самит на Отворен Балкан кој се одржа во Охрид, наппиша Ковачевски.
Претходно и српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека одлуката за тоа дали Тој, Ковачевски и Рама ќе учествуваат на средбата во Брисел ќе ја објават утре.
Самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој се очекува учество на претставници на ЕУ и на лидерите од земјите од Западен Балкан, треба да се одржи в четврток во Брисел, пред јунското заседание на Европскиот совет.
Д.Мишев