Според Роковникот на Државна изборна комисија, организациите и лицата од член 161 од Изборниот законик, односно, домашни и странски организации во чиј статут е вклучена заштитата на човековите права, доставуваат барање за набљудување до ДИК – од денот на распишувањето на изборите, најдоцна 10 дена пред денот на гласањето.
Прв ден кога можеше да се достават барањата беше 6 септември 2017, а последен ден до кога може да се достават барањата е 4 октомври 2017 година.
ДИК им издава овластувања на набљудувачите најдоцна седум дена по приемот на барањето.
Што се однесува до останатите рокови, најдоцна до 7 октомври, гласачите што не се во можност да гласаат на гласачкото место (немоќни или болни лица) треба да ги известат Општинските изборни комисии, односно, Изборната комисија на Град Скопје, најдоцна до 7 дена пред денот определен за гласање – 15 октомври.
Оние гласачи кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, а кои сакаат да гласат преку овластен полномошник, треба да ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање, односно, најдоцна до 11 октомври.
ДИК на вчерашната седница донесе одлука за формата и содржината на гласачаките ливчиња за локалните избори, како и одлука – изводите од Единствениот избирачки список да ги печати фирмата „Полијестрдеј“ од Скопје.