Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека „напад врз складиште за гориво не создава добри услови за продолжување на мировните преговори“, пренесува МИА.
Тој додаде дека за инцидентот е информиран претседателот на Русија, Владимир Путин и оти Москва се обидува да го реорганизира синџирот за снабдување,
Москва тврди дека два украински хеликоптера нападнале складиште за нафта во рускиот град Белгород. По нападот изби пожар, а повредени се две лица.
Белгород се наоѓа на околу 30 километри од украинската граница, а на 60 километри од украинскиот град Харков, што пак е бомбардиран од руските трупи уште од почетокот на војната.
Во меѓувреме, украинскиот преговарач Михаило Подољак изјави дека почна нова рунда „онлајн“ украинско-руски преговори.
– Точно е. Двете страни тоа официјално го соопштија. Преговорите продолжија во „онлајн“ формат, со учество на работните подгрупи, истакна Подољак.
Предходно, регионалниот гувернер на рускиот град Белгород, Вјачеслав Гладков изјави дека со украински воени хеликоптери е извршен напад врз складиште за нафта во градот.
Тој на Телеграм објави дека пожарот, што избил утрово, е предизвикан од воздушни напади од два украински хеликоптера.
Според него, две лица се повредени, но, не се во животозагрозувачка состојба. Гладков додаде дека евакуирани се жителите од околните улици.
Пред два дена, во регионот имаше експлозии во зграда за складирање оружје.
Белгород се наоѓа на околу 30 километри од украинската граница, а на 60 километри од украинскиот град Харков, што пак е бомбардиран од руските трупи уште од почетокот на војната.
Украина не презеде одговорност за ниту една од експлозиите.