Американскиот амбасадор Кристофер Хил денеска за ФоНет изјави дека го видел Планот за консултации што го потпишаа министрите за надворешни работи на Србија и на Русија, Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров и дека во него нема ништо посебно, туку дека Русија сака да ја оправда војната во Украина.
Хил рече дека не знаеле што пишува во Планот за консултации што го потпишаа министрите за надворешни работи на Србија и на Русија на крајот од неделата на Генералното собрание на Обединетите Нации (ОН), но знаеле дека потпишувањето на договор со земја како Русија беше невообичаено и дека сакале појаснување.
„Го видов планот, нема многу во него. Прашање е зошто Русија го сакаше тоа и очигледно е дека Русија сакаше план за да ја оправда својата војна во Украина. Однесувањето на Русија беше осудено од сите во САД, во Индија, дури и Кина ги критикуваше. Никој не ги поддржува во тој напор. Прашање е зошто би добиле потврда од кој било за тоа што му го направиле на својот сосед“, рече Хил.
На прашањето зошто побарале објаснување за потпишување на протоколот и дали тоа е пример за координирана кампања на притисок врз Србија од Западот, Хил рече дека Србија не е нападната, туку дека Русија ја напаѓа Украина и дека тие побара објаснување, бидејќи беше чудно што на крајот на неделата Србија потпиша договор со Русија во ОН.
Запрашан да го објасни ставот дека сега никој не треба да потпишува ништо со Русија, Хил рече дека луѓето треба да разберат дека не се работи за Србија, туку за Русија и за однесувањето на Русија, која врши воени злосторства во Украина и ги надмина границите на прифатливото за секого.
„Прашањето е зошто да потпишете нешто со нив сега. Русија треба да се фокусира на излегување од Украина и да моли за прошка од нас останатите“, рече Хил.
На прашањето дали има простор земјата да остане неутрална и дали Србија има право да води своја надворешна политика, Хил посочи дека Србија има право да ја води својата надворешна политика, но дека САД имаат право јасно да кажат што мислат за одредени одлуки и дека во овој случај Русија се однесува на ужасен начин и никој не треба да стои на страна и да каже дека е во ред една земја да ѝ прави такво нешто на друга.
Запрашан за коментар на фактот дека Србија нема да ги признае референдумите во четири области во Украина кои се контролирани од руските сили, Хил рече:
„Србија е во право. Не треба да ги признае тие референдуми, бидејќи тие не беа правилно спроведени, тоа се референдуми под пиштол, со закани од бајонет за луѓе“.
Да потсетиме, за време на седницата на Генералното собрание на ОН, министрите за надворешни работи на Србија и Русија, Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров потпишаа договорот, кој наиде на бурни реакции во Европа.
Европската Унија го сфаќа потпишувањето на документот меѓу Србија и Русија „многу сериозно“, изјави портпаролот на Европската комисија, Петер Стано.
„Би започнал со контекстот, затоа што живееме во време кога Русија е вклучена во нелегална агресија против нејзиниот сосед, Украина. Секојдневно ја прекршува Повелбата на ОН и меѓународното право и прави злосторства. Русија неодамна го отвори патот за нови ескалации, најавувајќи делумна мобилизација и поддршка за нелегални референдуми за анексија на делови од украинската територија“, рече Стано.
Селаковиќ рече дека станува збор за документ кој не содржи прашања за усогласување на безбедносната политика.
„Тоа е документ кој е потпишан од 1996 година. Тоа е техничка работа, која особено оваа година, покрај билатералните консултации кои се однесуваат на Обединетите нации, а која за нас е особено важна поради Косово и Метохија, постои без безбедносни консултации како тема на политиката“, посочи тој.
Селаковиќ рече дека со потпишаниот договор се регулираат билатералните односи, но и мултилатералните и дека таков договор се потпишува со години. Имајќи ја предвид актуелната ситуација, Селаковиќ рече дека негов личен став е дека Србија можела да одбие да го потпише договорот, но дека во него не гледа ништо суштински непристојно, поради што треба да се прекине соработката меѓу Србија и Русија на тој план.
Извор: НоваТВ