Поведена е кривична пријава против еден полициски службеник од Битола, кој вчера брутално нападна Ром во Битола. Тој заедно со уште еден негов колега кој бил присутен за време на инцидентот ќе бидат суспендирани, објави попладнево министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„МВР осудува каков било вид на насилство, особено кога тоа го направил полициски службеник. Ниту еден ваков чин не може да се поправи. МВР вложува многу во менувањето на ликот на полицијата и полициските службеници. Нашата цел е полиција која ќе биде во служба на граѓаните“, рече Спасовски.
Тој го осуди и нападот на полициските службеници од страна на двокрадци во велешко. Приведени се четири лица и има 10 осомничени лица. Спасовски рече дека се вршат претреси и се преземаат дополнителни активности со цел да се расчисти случајот. Очекува и брза постапка од Обвинителството.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала изјави дека полицијата мора да биде пример за законито однесување.
„Згрозени сме од бруталноста на полициските службеници во снимката што беше објавена денеска. Во овој случај, правната држава треба да одреди најстрога санкција според законот. Униформата не смее да биде заштита на насилниците, туку заштита од насилството. Неказнивоста мора да престане“, нагласи Дерала.
А. П.