„Формирање на новата власт во Грција ќе биде прв тест за договорот од Преспа, бидејќи знаеме дека таму Нова Демократија беше противник, како што тука ВМРО-ДПМНЕ беше противник на Договорот. Добро е што прво кај нив се случи промената за да видиме како тие ќе се однесуваат кон Договорот. За очекување е да има проблеми во спроведувањето, но не би рекол дека е загрозен самиот Договор, бидејќи и Киријакос Мицотакис неколку пати изјави дека нема можност Грција да го поништи. Како една од причините се спомнува дека ако се случи тоа, тогаш Турција ќе бара поништување на многу договори кои би биле на штета на Грција“, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Александар Кржаловски, директор на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Кржаловски потенцира дека нема можност ни од ставање на вето за почетокот на преговорите.
„Мицотакис неколку пати се закануваше со можноста да стави вето на отварањето на поглавјата, но на самиот почеток на преговори не би требало и не очекуваме Грција да блокира, особено ако се единствени сите други земји да дадат датум за почеток на преговорите“, додава тој.
Кржаловски не гледа опасност во краткорочен период, односно во текот на оваа година, но очекува доста пречки и подметнувања во наредниот период.
„Не успеав да видам кој министер е избран за Македонија и Тракија, за нивната Северна Грција, за нивниот дел, и ако е таму човек кој е порадикален во однос на прашањето на нашето име ќе може да очекуваме многу сопки, во смисла, тој повеќе да се занимава со нас отколку со Северна Грција, односно да гледа дали се применува Договорот по негово толкување, или по толкување на неговата партија Нова Демократија, дали ќе се вее знамето на Вергина и тоа да се третира како кршење на Договорот… Зависно од тоа ќе треба да се очекуваат проблеми во текот на спроведувањето. Но, ако е изборот како што е на пример министерот за Надворешни работи кој не е познат како радикален туку како умерен политичар, можеби ќе поминеме подобро отколку што се очекуваше, бидејќи во интерес на Грција ќе биде ова да го тргне на страна како проблем, оти си имаат повеќе и посериозни проблеми. Сметам дека сега треба да ги обноват релациите со Вашингтон и особено со Берлин. Така што не очекувам да има сериозни пречки во наредниот период“, истакна Кржаловски.
Дехран Муратов
Камера и фотографија: Ангела Петровска
Монтажа: Ариан Мехмети











