Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, експлозијата во плик во Амбасадата на Украина во Шпанија ја нарече напад врз дипломатско претставништво и терористички напад, пренесува Укринформ.
„Ова е многу сериозен инцидент. Ова е напад на дипломатско претставништво, кое е заштитено со меѓународното право, па шпанската полиција сега спроведува истрага. Внимателни сме максимално во тој поглед“, рече Кулеба во живо на Фејсбук.
Кулеба информира и дека командантот веќе се вратил во амбасадата и му била укажана лекарска помош, нема закана по неговиот живот.
„Кога ќе се утврди сторителот на овој терористички напад, ќе ги преземеме сите мерки ова лице или овие лица да бидат строго казнети“, истакна министерот.
На 30 ноември шпанските медиуми објавија за експлозијата во Амбасадата на Украина во Мадрид. Командантот на амбасадата добил полесни повреди и бил хоспитализиран – пликот му експлодирал во рацете. Останатите вработени не се повредени.