Со информативен штанд на градскиот плоштад и средби со граѓанките и граѓаните, медиумите и граѓанското општество, тимот на ЦИВИЛ вчера во Куманово го промовираше проектот Слободни медиуми за слободно општество.
Во директна комуникација со граѓанките и граѓаните, се спроведе и анкета на тема слобода на медиуми и состојбата на локалните медиуми во општина Куманово. На информативниот штанд, граѓанките и граѓаните имаа можност не само да се запознаат со медиумската платформа на ЦИВИЛ и истражувачки активности за состојбата на човековите права и слободи, слободата на изразувањето и медиумските слободи, туку и да споделат свои мислења и ставови како да се подобри соостјба во медиумите, но и да споделат свои животни искуства и проблеми, да посведочат за локални неправди, вклучувајќи го и влијанието на политичките процеси на локално и национално ниво.
Активностите и присуството на тимот на ЦИВИЛ во Куманово, промотивно го најави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, на локалното радио „Браво“.
„Целта на проектот е да се охрабрат медиумите и граѓанките и граѓаните да говорат, продуцираат и восприемаат слободно без никаков притисок и страв, бидејќи ние сме цврсто убедени дека слободните медиуми се предуслов за слободно општество“, изјави Дерала, за радио „Браво“, а воедно ги покани кумановчанки и кумановчани на градскиот плоштад во 14 часот, вчера попладне.
Со овој проект, ЦИВИЛ дава придонес кон ослободувањето и деконтаминацијата на медиумскиот простор и кон охрабрувањето на граѓанките и граѓаните да градат слободно општество, преку учество во политичките процеси и носењето одлуки на локално и национално ниво.
Б.Ј.