Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека Западен Балкан е во непосредна близина на Австрија и дека таа е многу заинтересирана за стабилноста и европска иднина на тој регион, пренесува Слободен Печат.
-Западен Балкан е регион во непосредна близина на Австрија, со кој сме човечки, економски, политички и културолошки многу поврзани. Затоа сме многу заинтересирани за стабилноста на Западен Балкан, изјави Курц во пресрет на видео самитот со лидерите на Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, пренесе австриската агенција АПА.
На покана на германската канцеларка Ангела Меркел, покрај лидерите на шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, ќе учествуваат и премиерот на Словенија, Јанез Јанша кој претседава со ЕУ, претседателот на Франција Емануел Макрон, италијанскиот премиер Марио Драги и австрискиот канцелар Курц.
Порталот „Еурактив Полска” објави дека на собирот ќе учествува и полскиот премиер Матеуш Моравиецки.
Според иницијаторите од тој формат, средбите на претставниците на ЕУ со лидерите на Западен Балкан, кои се одржуваат во рамките на Берлинскиот процес од 2014 година, имаат за цел да поттикнат стабилност и мирен дијалог во непосредното соседство на ЕУ.
Австрискиот канцелар Курц кажа дека покрај поддршката на европските интеграции на регионот и регионалната соработка, во преден план на средбата ќе бидат и борбата против пандемијата, миграцијата и економската соработка.
-Наша цел и денес е да ја потврдиме европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. ЕУ ќе биде целосна само кога сите земји од Западен Балкан ќе се приклучат кон неа, изјави Курц, пренесе АПА.












