Шефовите на држави и влади на НАТО на состанокот во Мадрид во средата (29 јуни 2022 година) го одобрија новиот Стратешки концепт на Алијансата, во кој се утврдуваат приоритетите, основните задачи и пристапите на Алијансата за следната деценија.
Концептот ја опишува безбедносната средина со која се соочува Алијансата, ги потврдува заедничките вредности и ја објаснува клучната цел на НАТО да ја обезбеди нашата колективна одбрана. Понатаму ги поставува трите основни задачи на НАТО за одвраќање и одбрана; спречување и управување со кризи; и кооперативно обезбедување.
Документот ја дефинира Русија како „најзначајна и најдиректна закана“ за безбедноста на сојузниците, додека за првпат се осврнува на Кина и на предизвиците што Пекинг ги поставува кон безбедноста, интересите и вредностите на сојузниците.
Во документите се наведува и дека климатските промени се „дефинитивен предизвик на нашето време“. Стратешкиот концепт се ажурира приближно секоја деценија и е вториот најважен документ на НАТО.
Документот ги потврдува вредностите на Алијансата, обезбедува колективна проценка на безбедносните предизвици и ги води политичките и воените активности на Алијансата. Претходната верзија беше усвоена на Самитот на НАТО во Лисабон во 2010 година.
Д.Мишев












