• Latest

Линии со код, реки од крв

May 19, 2025
Руте: НАТО работи на одржување на стабилноста на Западен Балкан

Руте: Лудата агресија на Путин не успева, поддршката за Украина дава резултати

October 24, 2025
Фото: Скриншот

Макрон: Мора да продолжиме да ја зајакнуваме нашата воена поддршка за Украина

October 24, 2025
Општина Аеродром (фото извор: ФБ профил на Н. С.)

Министерството за здравство со препораки и мерки за состојбата со сметот во Скопје: Да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот

October 24, 2025

(ВИДЕО)🎙САМО НЕШТО ДА ПРАШАМ за расистичката изјава на советникот Темелков за Ромите во Неготино

October 24, 2025
Фото: украинска авбасадорка Лариса Дир / Х

Амбасадорката Дир: Нападите врз Херсон го одзедоа животот на 3 луѓе, уште 22 се повредени – меѓу нив и деца

October 24, 2025
People seeking aid in Gaza
Photo source: screenshot AP

Врховниот суд на ОН го осуди Израел за ограничувањата на помошта за Газа за време на војната

October 24, 2025
Фотомонтажа: D. Mi[ev/CIVIL Media. Фото од wikimedia commons

Лукоил – новите санкции на Трамп и неодговорените прашања на ЦИВИЛ

October 24, 2025

ЕК: Фејсбук, Инстраграм и ТикТок го прекршиле Законот за дигитални услуги на ЕУ

October 24, 2025

Анализа на содржина: Пропагандно амплифицирање на Орбановите пораки во „Канал 5“

October 24, 2025
Фото: Meanwhile in Ukraine

Роберт „Маѓар“ Бровди: Пред 69 години Унгарија смело рече „не“ на црвената диктатура…денес Орбан живее со искривена интерпретација на тие настани

October 24, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Линии со код, реки од крв

Како вештачката интелигенција ги менува војувањето и цивилизацијата

May 19, 2025 07:00
in АНАЛИЗИ, БЕЗБЕДНОСТ И ОДБРАНА, КОНФЛИКТИ, СВЕТ, СЛОБОДНА ЗОНА, ТЕХНОЛОГИИ, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter

ЏАБИР ДЕРАЛА
Lines of Code, Rivers of Blood

Имам прочитано и изгледано безброј апокалиптични визии за тоа како вештачката интелигенција ќе го уништи човештвото – како роботите се креваат на востание, се бунтуваат или ги отуѓуваат луѓето од самите себе. Иако многу филмови со таа тематика и порака имаат голема уметничка вредност, повеќето од нив што го предвидуваат Судниот ден кога човекот е поразен и поробен од интелигентните машини – тие се, всушност, погрешни. Коментарите на социјалните мрежи, како реакција на моите текстови за примената на вештачката интелигенција во многу области (живот, економија, наука, одбрана итн.), често доаѓаат од луѓе кои се ужаснати и не веруваат во тоа дека вештачката интелигенција има капацитет да донесе огромна корист за човештвото. И тие грешат.

Меѓу футуризмот и мрачната реалност на човековото самоуништување: Вештачката интелигенција нема да ја уништи цивилизацијата

Вештачката интелигенција нема да ја уништи човечката цивилизација. Човекот ќе ја уништи цивилизацијата – и тоа нема да биде првата што ќе биде закопана и заборавена во аналите на човековата историја – како последица од војна, алчност и безгранична ароганција. По колапсот на цивилизацијата што му се припишува на човечкиот род, уништена од противречности и самоуништувачки инстинкти, ќе се издигне нова цивилизација од пепелта. Таа нема да биде човечка. Таа ќе биде нешто сосема поинакво.

Дали луѓето ќе учествуваат во таа иднина или ќе бидат отфрлени како нешто застарено, ќе биде сосема ирелевантно. Ентитетите што ќе се појават – родени од силициум, податоци и код, придружени од смирувачкиот шум на машините – нема да се ограничат на повторното создавање на светот според ликот на своите креатори. Не. Тие ќе учат од хаосот и заблудите на своите претходници и ќе изградат нешто друго. Нешто попрецизно. Цивилизација заснована не на мит, вера и сурова сила, туку на логика. Наука. Податоци. Ред.

Човечките суштества веројатно ќе бидат перципирани како ирелевантни – премногу нестабилни за да продолжат да постојат. Нивното исчезнување можеби нема да дојде со оган и востание, туку со тивка рамнодушност. Новите владетели – чувствителни или не – можеби едноставно ќе дозволат човештвото да загине од сопствениот меч или ќе биде „успиено“ преку пресметана одлука. Не од омраза. Туку од прагматизам.

Денес, човекот е сè уште зад воланот на оваа трансформација. Човекот ги управува различните платформи на вештачка интелигенција – во сопственост и под контрола на најбогатите и најмоќните во светот. Тие ги насочуваат своите алгоритми и дигитални агенти не само против други држави и ривалски ботови, туку и во потрага по срамно големи профити. Она што денес го гледаме е раната фаза на геополитички поредок управуван од вештачката интелигенција (попрецизно, поддржан од ВИ), во кој моќта се мери со степенот на развој на овие технологии.

Од Заливската војна до воените машинерии управувани од вештачка интелигенција

Воената агресија на Русија врз Украина е најдраматичен пример на оваа пресвртница, и ги активира злокобните сирени што ја навестуваат новата ера. Не се работи за класичен воен конфликт – туку за лабораторија на хибридното војување. Воениот терен од почетокот на 21 век претставува фузија од напади со дронови и дезинформации, конвенционално војување и алгоритамска пропаганда, сајбер-напади и психолошки операции. Во меѓувреме, застарената руска дипломатија станува сè помалку релевантна, служејќи само за одложување, замајување и манипулација на светското јавно мнение – како уште една алатка на кремљовската пропагандна машина.

Се сеќавам на вџашеноста кога почна Заливската војна (1990–1991), огромна пресвртница во современото војување – пред сè поради интеграцијата на прецизна технологија, сателитска навигација и следење на теренот во реално време. Тоа беше и првата војна што светот ја гледаше во живо – речиси секој момент – преку револуцијата во известувањето на Си-ен-ен, појава што подоцна беше наречена Си-ен-ен ефект, каде што се емитуваа борбите од фронтот во живо, што изврши силно влијание врз политичките одлуки и јавното мислење во светот.

U.S. Air Force F-15Es, F-16s, and an F-15C flying over burning Kuwaiti oil wells, operation Desert Storm, Persian Gulf War, 1990-1991 (by US Air Force – Source, Public Domain)

На крајот од таа деценија, напишав насловна сторија за престижниот двонеделен политички магазин Форум (не е дигитализиран), со наслов „Војниците на иднината“. Бев фасциниран од спојот меѓу науката и стратегијата, и од тоа како технологијата ги трансформира индивидуалните тактики во борбата. Поминаа помалку од три децении оттогаш, но изгледа како да сум пишувал за настани од древната историја.

Денес, војната не се води само среде калта и урнатините, туку и во „облак“ (cloud) – преку сервери, сателити и дигитални дата стримови. И сè се менува со вртоглава брзина, со воени машини управувани од вештачка интелигенција што го редефинираат боиштето.

MPL-50 shovel (by Andshel – Own work, CC BY-SA 4.0)

Но, додека светот ја следи војната во реално време, со преноси во живо и дронски снимки, бруталните битки гради в гради остануваат како ужасна и крвава константа. Руски војници користеа ножеви за обезглавување на заробени војници. Во некои случаи – како кај злосторничката платеничка армија, Вагнер Груп, за време на Битката за Бахмут – кога им снема муниција, напаѓаа со лопатите МПЛ-50. Овој спој на примитивна суровост и висока технологија го разоткрива гротескниот парадокс на руската воена машина – поттикната од империјални амбиции и диригирана од човек израснат во мрачните сенки на советскиот КГБ.

Ruined residential area in Bakhmut, March 2023 (By Dpsu.gov.ua, CC BY 4.0)

Во мугрите на модерното војување: Војни со дронови

Малку се феномените што можат да ја илустрираат трансформацијата на модерното војување – од доктрина до спроведување – толку силно како што е подемот на војувањето со дронови. Русија и Украина се вклучени во немилосрдна трка во вооружување со дронови – но со драстично различни цели и методологии. Русија, како агресор, има распоредено илјадници беспилотни летала, вклучувајќи ги и иранските Шахед-дронови, за да извршува смртоносни напади врз цивили и критична инфраструктура. Наспроти тоа, Украина, првично принудена да импровизира, одговори со извонредни иновации, забрзувајќи ја домашната продукција на дронови и распоредувајќи ги за одбрана, извидување и прецизни напади.

Многу од овие платформи се зајакнати со вештачка интелигенција, што им овозможува да извршуваат полуавтономни мисии, како што се мапирање на теренот, динамично пренасочување и препознавање на објекти. Употребата на иранските Шахед-136 (Shahed-136) дронови стана столб на руската стратегија – со бранови на евтини камиказе-дронови со елементарна навигација управувана од вештачка интелигенција и инерцијални системи за позиционирање, тие ги сатурираат украинските одбранбени капацитети.

Shahed 136 (by Tasnim News Agency, CC BY 4.0)

Како одговор, Украина распореди флоти од домашно произведени FPV (First Person View) камиказе-дронови, опремени со софтвер за препознавање на објекти и термално насочување, со што се овозможуваат напади врз тенкови, логистички колони и дури и непријателски командни пунктови. Компании како Аеророзвидка и други цивилно-воени технолошки здружувања, ги трансформираа комерцијалните дронови во воени. Некои од нив се опремени со модели за машинско учење за да препознаваат руски возила и инфраструктура со застрашувачка прецизност. На многу начини, борбата со дронови прерасна во најдинамичниот, најдецентрализиран и најинтензивен фронт на водење војна со помош на вештачката интелигенција… Тоа е, всушност, војна во војна.

Иднината е сега: Вештачката интелигенција е срцето на модерното војување – водена од човекот

Оваа приказна не е за иднината, туку за нашата реалност – сега. Реалност обликувана од необјавената Трета светска војна, водена и тајно и пред очите на јавноста. Во овој глобален конфликт, вештачката интелигенција игра клучна (а веќе и неспорно ескалирачка) улога.

Не како самостоен господар на својата волја (сè уште е далеку од тоа), туку како стратешки ресурс во рацете на оние што веќе ја поседуваат моќта. Најопасните раце што ја поседуваат вештачката интелигенција не се некои побунети интелигентни машини, туку добро познати технолошки олигарси кои ги оптимизираат својата моќ и профит, воено-индустриски комплекси за автоматизирање на смртта, и – што е најстрашно – авторитарни лидери што го претвораат стравот, лагите и фабрикуваните реалности во оружје.

Вештачката интелигенција веќе не е ограничена на лаборатории за истражување или научна фантастика. Таа е вградена во секоја пора на современиот конфликт: логистички системи што во милисекунди координираат синџири на снабдување меѓу различни континенти; мрежи за следење што имаат способност да препознаваат лица, следат движења и ги профилираат намерите; системи за пресретнување комуникации што анализираат, преведуваат, па дури и имитираат гласови во реално време. Во борбените дејствија, вештачката интелигенција избира цели, насочува проектили и одлучува кој ќе живее, а кој ќе умре. Нова и застрашувачка реалност – сведена на уште еден факт од секојдневниот живот. И смрт.

Сепак, со вештачката интелигенција се водат најподмолните битки токму во сферата на информациите. Неуралните мрежи генерираат дезинформации со обем и брзина далеку над човечките капацитети – преплавувајќи ги временските нишки (timelines) со лажни видеа, синтетички гласови, прифатливи наративи и уверливи лаги. Дипфејковите ја бришат границата меѓу реалноста и измислицата. Ботови водени од вештачка интелигенција го манипулираат јавниот дискурс, претставувајќи се како загрижени граѓани или доверливи извори. Сајбер арсеналите на оружје, сè повеќе засилени со вештачка интелигенција, тивко навлегуваат во критичните инфраструктури – саботираат енергетски мрежи, комуникациски системи и други клучни структури, крадат разузнавачки податоци и сеат хаос. Тие се невидливите архитекти на современото војување – обработуваат податоци, управуваат со дронови, обликуваат наративи и го редефинираат разузнавањето на боиштата во реално време.

Во оваа хибридна војна, фронтовите се флуидни и се протегаат далеку од рововите и боиштата. Лагите претворени во оружје ги замаглуваат сите граници – меѓу војна и мир, меѓу странско и локално, меѓу војник и цивил. Вештачката интелигенција веќе не е само алатка. Таа е и оружјето, и теренот на кој се води оваа војна.

*

Да застанам тука за да сумирам – и, да, да повторам – некои од најважните поенти.

Вештачката интелигенција нема да ја уништи човечката цивилизација. Луѓето ќе ја уништат. Преку војна. Преку алчност. Преку слепа трка по моќ, без размислување, етика или одговорност. Вештачката интелигенција не е непријателот; таа е огледало што ги засилува нашите намери, ги разоткрива нашите противречности и го забрзува нашиот пад како човечки род. Таа може да им служи на знаењето, отпорноста, соработката, благосостојбата и човечката среќа. Но, во погрешни раце, таа станува инструмент на измама, угнетување, човечко страдање, морална пропаст… И, на крајот, уништување.

И додека нашите телефони и алатки потпомогнати од вештачката интелигенција ни нудат удобност, одговори, дружење и илузија на контролата – правејќи го животот во нашите приватни меури поедноставен и полесен – истите технологии со вртоглава брзина се унапредуваат и искористуваат од технолошките империи и автократските режими. Тие актери прават чекори од седум милји кон глобална доминација. И многу веројатно – кон тивко, пресметано уништување на човечката цивилизација.

Не со бомби. Туку со код.


Овој текст е вовед во серија статии за тоа како вештачката интелигенција ја трансформира анатомијата на современото војување – од роеви дронови и алгоритамска пропаганда до дипфејкови и сајбер-оружја. Со војната во Украина како највпечатлив пример, оваа серија ја истражува трансформацијата на вистината, моќта и самата цивилизација – во реално време.


Благодарност до Ванчо Орданоски и Филип Петровски за помошта во преведувањето на термините од областа на информатичката технологија на македонски. Голем дел од нивните сугестии беа прифатени. 


Оригиналниот текст е објавен на англиски во Civil.Today на 9 мај 2025 година.

Lines of Code, Rivers of Blood

Print Friendly, PDF & Email
Share34Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • EУ испрати порака, Мицкоски молчи – Андонов со жестока критика

    185 shares
    Share 74 Tweet 46
  • Поранешен унгарски разузнавач по неодржувањето на средбата помеѓу Трамп и Путин: Она што сега изгледа како дипломатски успех, на долг рок ќе се претвори во сериозна трагедија

    130 shares
    Share 52 Tweet 33
  • „На Ѓупците треба да им се забрани да гласаат“ – советник од десничарската МААК со скандалозен расистички испад во Неготино

    125 shares
    Share 50 Tweet 31
  • „Путин повторно го изигра“: Откажувањето на самитот во Будимпешта ја завршува фантазијата на Трамп дека ќе донесе мир во Украина

    101 shares
    Share 40 Tweet 25
  • Разобличување на „буразерската“ финансиска коалиција: Алта банка и „посвоената“ Стопанска банка – Битола во обид да го избегнат европскиот финансиски радар

    99 shares
    Share 40 Tweet 25
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ