Литванија и Финска планираат да започнат со домашно производство на противпешадиски мини во 2026 година, а дел од залихите потенцијално ќе бидат наменети за Украина за борба против руската закана.
Двете членки на НАТО ќе започнат со производство откако ќе го завршат своето повлекување од Конвенцијата од Отава од 1997 година, која ги забранува ваквите мини, шестмесечен процес што ги нагласува променливите одбранбени приоритети на Европа.
Украинските сили сè повеќе користат мини во одбранбени операции, а Киев, исто така, се повлече од Конвенцијата од Отава за „подобро да се одбрани од Русија“.
Литванија планира да нарача десетици илјади противпешадиски мини, инвестирајќи стотици милиони евра во системи за оружје, изјави заменик-министерот за одбрана Каролис Алекса. Балтичката држава, која дели граница од 274 километри со руската енклава Калининград и 679 километри со Белорусија, близок руски сојузник, ја позиционира својата домашна индустрија како главен снабдувач.
-Откако ќе се воспостави производството, Литванија ќе може да снабдува други, вклучително и Украина, рече Винцас Јургутис, претседател на Здружението на одбранбена индустрија на Литванија. Литванскиот парламент го одобри повлекувањето од Конвенцијата од Отава на 8 мај, а повлекувањето ќе биде завршено за шест месеци.
Финска, која има најдолга граница на НАТО со Русија (1.340 км), го смета домашното производство на мини како клучно за безбедноста на снабдувањето и планира да ги зголеми трошоците за одбрана на три посто од БДП до 2029 година. Претседателот на парламентарниот одбор за одбрана, Хеики Ауто изјави дека мините се „многу ефикасни и многу економични системи за оружје“ и потврди дека Финска ќе размисли за снабдување на Украина.
-Не е само правилно и наша должност да ја поддржиме Украина, туку е важно и за безбедноста на Финска, рече Ауто. Пред да се приклучи на Конвенцијата од Отава во 2011 година, Хелсинки имаше повеќе од еден милион противпешадиски мини.
Земјите сè уште не започнале со производство на мини, но одржуваат производствени капацитети што можат да се активираат доколку е потребно. Полскиот приватен производител на муниција ZSP Niewiadow изјави дека има намера да продолжи со големо производство на противпешадиски мини до 2027 година, а инвестициите веќе се во тек во нови погони.
Противпешадиските мини експлодираат кога се активираат со допир или движење, претставувајќи закана и за војниците и за цивилите долго по завршувањето на конфликтот. Групите за деминирање ја критикуваа одлуката на овие земји да ја напуштат конвенцијата поради тековните опасности што ги претставуваат мините, пренесе МИА.