На вториот ден од кампањата за локалните избори што ќе се одржат во октомври, во попладневните и вечерните часови партиите и нивните кандидати за градоначалници продолжуваат со претставување на своите програми низ земјава и во главниот град.
ВМРO-ДПМНЕ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Вевчани порача дека на овие локални избори, Социјалдемократскиот сојуз го очекува уште еден изборен дебакл.
Тој рече дека лицемерие е кога Венко Филипче вели дека нема да води негативна кампања, а веќе во наредната реченица ја злоупотребува големата човечка трагедија која се случи во Кочани, а истиот тој спрема и ново предавство и подарок за нашиот источен сосед, Бугарија преку нивните т.н. црвени линии.
ВЛЕН
Коалицијата ВЛЕН вечерва во салата „Борис Трајковски“ одржува изборна Конвенција, на која ќе ги промовира своите кандидати за градоначалници и ќе се претстави нивната, како што велат, „визија за победа“. Собирот се одржува под мотото „Еден глас“.
“Овој настан не е само политички митинг, туку манифестација на единство, решителност и нова енергија што ги вклучи Албанците насекаде во Северна Македонија“, порачаа од ВЛЕН.
СДСМ
Кандидатот на СДСМ и актуелниот градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски, во разговор со група пензионирани наставници, посочи дека целта на оваа иницијатива е да се обезбеди поддршка за учениците кои потешко ја совладуваат наставата, како и за надарените ученици кои се подготвуваат за натпревари.
Д. Т.











			
