Прелиминарните резултати, објавени од Централната изборна комисија (ЦИК) за вториот круг од изборите во 18 општини во Косово, одржани на 9 ноември, создадоа нова локална рамнотежа меѓу политичките партии – со речиси еднаква сила.
Врз основа на двата круга гласање за градоначалници во 38 општини, Движењето Ветевендосје (ЛВВ) и Демократската лига на Косово (ЛДК) освоија по седум општини. Демократската партија на Косово (ПДК) освои шест, додека Алијансата за иднината на Косово (ААК) го задржа своето водство во пет.
Социјалдемократската иницијатива, Турската партија КДТП и Иницијативата Рамиз Ладровци обезбедија по една општина. Во меѓувреме, Српска листа ги контролира сите десет општини со српско мнозинство.
Локалните избори се одржаа во време на политичка неизвесност на централно ниво, бидејќи прашањето дали Косово ќе има нова влада или ќе оди на предвремени парламентарни избори останува отворено.
Ова ќе биде разјаснето до 19 ноември, кога завршува рокот за кандидатот на ЛВВ, Глаук Коњуфца, да формира и да ја претстави владата пред Собранието.
Излезноста на изборите беше ниска: околу 40 проценти во првиот круг и само 32 проценти во вториот круг.
Канцеларијата на Европската Унија во Косово издаде одговор по вториот круг од изборите одржани во недела во 18 општини во земјата.
Вршителот на должноста амбасадор на ЕУ во Косово, Ева Палатова, го опиша денешниот процес како доказ за демократијата во Косово.
„Вршителот на должноста амбасадор на ЕУ во Косово, Ева Палатова, вечерва го поздрави уредното и инклузивно спроведување на вториот круг од градоначалничките избори во 18 општини во Косово, што го означи крајот на циклусот на локалните избори, опишувајќи го како доказ за демократијата во Косово“, се наведува во реакцијата.
Д. Т.












