пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
„Лудитите“ или „лудистите“ се појавија во 19 век, како отпор на мануфактурните текстилни работници во Англија кон машините и индустријализацијата. Во бунтот предводен од Нед Луд, ги кршеле машините и ги обвинувале дека им го земаат лебот.
Два века подоцна, има најсовршени текстилни машини, комбинирани процеси на работа во масовни фабрики… Но, сè уште има и кројачи, модни креатори итн., кои работат на рака или со мала помош на технологијата и ја продаваат својата оригиналност и креативност. Тие се обично и најскапите и најпрочуените.
Кај нас се појавија „лудисти“ во 21 век – за дигиталните учебници. Се создаде наратив дека ќе се уништат сите книги. Тоа е повторно тој ментален склоп и структури од индустрија предизвикана од технолошка еволуција, па го обвинуваат напредокот дека им го зема лебот, место да се адаптираат и направат нешто ново, подобро, а и поскапо и попрофитабилно за нив, на крајот на краиштата.
Да ви каже нешто Младиќот директно од Кристалната топка, во врска со иднината на печатените книги и учебници.
Оваа еволуција, колку и да сакаат денешните „лудисти“, нема да биде сопрена, но таа не значи изумирање на печатениот формат. Како што постои масовно произведена облека, но сè уште постојат и кројачи, а богами и скапи модни креатори; како што не изумреа радиото, телевизијата… така и печатените формати на книги и учебници ќе опстанат, драги мои.
За среќа, нивната иднина е посветла отколку што ја замислуваат денешните „лудисти“. Тие ќе бидат достапни, ќе постојат библиотеки, книжари, ќе ги бараат и купуваат оние што вистински ги сакаат. Некој друг, наместо книга, ќе си купи скапо парче облека.
Инаку, денешниве „лудисти“ можеби имаат дома куп книги по рафтовите што им одат добро со мебелот, ама сепак секојдневно, наместо на книгите, им веруваат на лаги пласирани од лудачки портали и безимени ботови на социјални мрежи.
Затоа, треба да излеземе од оваа јалова дебата полна нерационалност и кусогледост.
Наместо фокус на медиумот и формата, оти човештвото и пред книгите имало папирус, глинени плочи, ѕидови на пештери, па не останало на тие медиуми туку напредувало, на сите ни е потребен фокус на суштината и содржината.
А суштински важно е да дојдеме до одговор на овие прашања: Како да имаме што повеќе содржини што им нудат на луѓето вистинско проверено знаење, без онакви грешки на кои навикнавме во нашите учебници, или пак вистински уметнички вредности, поттик за читање, за креативност?
Како да охрабриме да пишуваат и творат што повеќе креативни и кредибилни автори, научници, стручњаци, писатели итн… Како да создадеме публика и читачки навики кај луѓе, за кои истражувањата покажуваат дека над 90% не читаат повеќе од наслов, иако голем дел растеле покрај полни рафтови со книги?
Оти, делата и авторите ги инспирираат идните генерации да грабат кон иднината со оригиналност и креативност, а не – хартијата.
#SledeTene
#NieSmeLudisti
#LiveFromTheCrystalBall
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.