На денешната средба, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и евроамбасадорот Семуел Жбогар, заклучија дека Македонија е единствена функционална демократија во регионот, со оглед на успешно организираните и спроведени претседателски избори, изборот на претседател, како и коректноста на опозицијата во контекст на изборниот процес и признавање на резултатите и волјата на граѓаните.
Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека соговорниците констатирале дека напредокот во евроинтеграциите е од клучно значење за подобрување на животниот стандард и одржување на еврооптимизмот на граѓаните во Република Северна Македонија.
„Евроамбасадорот Жбогар на претседателот Пендаровски му честиташе за изборот и му посака успешно вршење на одговорната функција. Воедно, му пренесе поздрави и му предаде писмо со честитки од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, и од претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. На средбата беа разменети мислења за реализацијата на приоритетите и реформите на Република Северна Македонија во однос на европските интеграции“, соопштија од Кабинетот.
Пендаровски укажал дека почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата.
„Очекуваме од лидерите на членките на Европската Унија да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања. Да го валоризираат сработеното и да овозможат Република Северна Македонија да постигне успех на планот на евроинтеграциите“, истакна претседателот Пендаровски на средбата со евроамбасадорот Жбогар.
Евроамбасадорот, пак, истакна дека очекува успешна соработка со новиот претседател.
„Имав средба со претседателот Пендаровски. Му ги пренесов честитиките од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и од претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, во кои тие изразуваат подготвеност за многу блиска соработка за европската иднина на Северна Македонија и за градење на заедничка Европа“, изјави Жбогар по средбата.
Тој, исто така, ги пофали вчерашните пораки на Пендаровски на инаугурацијата, пораки за помирување, за подавање рака, за обединување на сите политички сили во земјата во интерес на сите граѓани и напредок на државата. На средбата тие разговарале и за неговата можна посета на Брисел, на средби со лидерите на Европската Унија.
М. И.