поентира: ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ
Амбасадорот на С.Р. Германија, г. Томас Герберих, во едно интервју, изјави:
„Ако ги прашате луѓето што стојат тука пред врата за работна виза, дали би останале во земјава ако има подобри услови, подобри болници за нивните деца, образовен систем, ако се чувствуваат посигурно, да има независно правосудство, борба против корупцијата, секако дека би останале. Платите играат улога, но во едно развиено демократско општество и платите може да се зголемат“.
Иселувањето на младите од Македонија сигурно не ќе беше толку големо, ако и другите партии имаа храброст и способност, по примерот на ДУИ, без да види никој, да спроведат интерен ВЕТИНГ и да ги реализираат сите ветувања, според начелото „речено-сторено“.
*
Македонија не може да биде „солиден студент“, како што Бујар ја убедува Австриската министерка, со толку голем број болни судии, поротници, обвинители, обвинети, сведоци, сомничени, затворски чувари, 20 илјади од државна служба тајно прислушувани граѓани, осомничени министри и партиски лидери, партизирана администрација и судство.
Заборави ли Бујар дека во Австрија лани, по објавувањето на само една нелегална снимка на негов колега, владата поднесе оставка и се распишаа вонредни избори.
Македонија поканата ќе ја добие само затоа што „солидни студенти“ и храбри се покажаа Заев и Ципрас.
*
Постои ли некој што му верува на Бујар дека ДУИ е заштитник на Преспанската Спогодба, дека има решавачка улога на патот на државата кон ЕУ, дека уценува, но, не за лични, туку за интересите на граѓаните, дека го држи кормилото на евроатланскиот курс, дека уценувала за решавање на името, за потребата на патот кон НАТО, за договорот со Бугарија, за Законот за јазиците, за изборот на Талат Џафери и др.
Ако е ова точно, останува нејасно зошто ДУИ во текот на скоро десет години, колку беа во коалиција со ВМРО и имаа двотретинско мнозинство, за овие прашања никогаш не го уценија Груевски? Да не беше, случајно, амнестијата во прашање, за да го остават раат цел мандат, како што во една „бомба“ викаше самиот Груевски?