Македонски концепт ја поздравува одлуката на ЕУ да отпочне пристапни преговори со земјава, кој според нив е успех на сите граѓани и целата држава.
„Тргнувајќи од нашата стратешка определба за полна евро-атлантска интеграција на Република Северна Македонија, со радост и воодушевување ја примивме веста за одлуката на ЕУ да отпочне пристапни преговори со нашата земја. Им честитаме на сите Македонци, без разлика на кој етнички, верски, политички или друг идентитет го носат во себе. Ова е огромен успех за сите нас и за нашата држава. Сега имаме јасна перспектива кон иднината, а тоа е целосна европеизација на македонската држава и општество. Им честитаме на сите оние кои активно работеа да биде донесена оваа одлука“, пишуваат Македонски концепт во нивното соопштение.
Оттаму додаваат дека Македонски концепт се залага за деиделогизација на општеството, кој според нив е единствен начин да се дојде до политичко и идеолошко помирување.
„Очекуваме политичките фактори и сите останати во државата, заеднички да ги мобилизираме и да ги вложиме сите наши капацитети тој процес на европеизација на државата и општеството, колку може повеќе, да го поддржиме, да го олесниме, да го намалиме времетраењето, а за многу кратко време и да ги констатираме нашите први успеси во спроведување на пристапните преговори со Европската Унија. Република Северна Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ, без никаква дилема“, стои во соопштението.
А. П.