ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии го објави документот со наслов “Мапирање на институциите од обласитите на правдата, слободата и безбедноста“, кој претставува водич низ комплексната институционална структура важна за областите како контролата на границата, борбата против организираниот криминал, тероризмот, трговијата со луѓе и другите сериозни облици на криминал.
Документот го истакнува значењето на Поглавјето 24 за Европската Унија, како поглавје кое обезбедува слобода, безбедност и правда на целата територија на Унијата. За Република Северна Македонија, поглавјето 24 е од исклучителна важност, бидејќи инструментите со кои се обезбедува слободата, безбедноста и правдата имаат големо влијание кај граѓаните и нивниот интерес и грижата за владеење на правото и справувањето со безбедносни ризици.
Новата методологија за пристапување во ЕУ го задржува приодот и предвидува почеток на преговорите со отварање на поглавјата 23 и 24 и нивно затворање на крајот на преговорите, односно дури по затворањето на сите останати поглавја. Добриот тек на преговорите во овие две поглавја ќе биде можност за отворање нови поглавја, а неспроведувањето на акцискиот план би значело враќање назад и нема да има можност за отворање на нови поглавја сè додека слабостите не бидат отстранети.
Методолошки, примарниот чекор во преговорите е услогласувањето на домашното законодавство со правниот поредок на ЕУ, а вториот чекор е создавање предуслови за негово целосно имплементирање. Тоа значи, дека за спроведување на овие два чекора неопходно е создавање на силен капацитет, односно мапирање на институциите од областа на правдата, слободата и безбедноста, да управуваат со процесите на интеграција, како и нивно следење, елиминирање на недостатоците, и секако – учење на лекциите низ евроинтегративниот пат.
Публикацијата е подготвена во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзани со Поглавје 24” импементиран од страна на ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов Фонд на САД и Амбасадата на Кралството на Норвешка во Белград.