Министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес конференција истакна дека од денес на сила стапува Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси, со кој граѓаните ќе добијат големо намалување на трошоците кои ги имаат во судовите.
„Свесни бевме дека тие трошоци беа високи, а на луѓето на кои им беше потребна правда многупати се откажуваа да ја бараат во судниците. Тоа сега се надевам дека ќе се промени, бидејќи правдата станува конкретно подостапна за сите“, изјави Маричиќ.
Маричиќ додаде дека судските такси се значително намалени од денес и ако во минатото тие можеа да стигнат и до 48 илјади денари, сега граѓаните нема да плаќаат повеќе од 6 илјади денари.
„Трошоците за судските такси во првостепена постапка ќе се движат во опсек од 480 денари до најмногу 6000 денари, во зависност од вредноста на спорот“, додаде Маричиќ.
Министерот објасни дека доколку се тужи осигурителна компанија за надомест на штета во вредност од 3 милиони денари, судската такса која треба да ја платите е 2% од вредноста на спорот, и во овој случај граѓанинот ќе требаше за судски такси да го даде максималниот износ од 48 илјади денари, сега со донесените измени давачката ќе биде само 6 илјади денари, односно 8 пати помалку.
„Доколку е потребно да ја истерате правдината до крај и да ги искористите сите редновни и вонредни правни лекови, постарата тарифа за истиот спор кој го споменав ќе платевте вкупно 288 илјади денари судски такси, односно 2% за тужба, одлука 2%, жалба 4% и ревизија 4%. По новата судска такса најмногу може да потрошите вкупно 36 илјади денари, или за 2 52 илјади денари помалку, доколку се жалите“, додава Маричиќ.
Маричиќ истакна дека ваквите промени ќе бидат во интерес на адвокатите и вештаците, бидејќи граѓаните ќе бидат охрабрени по судски пат да стигнат до правдата.
„Овие промени кои ги направивме во поширока смисла на толкување се и во духот на Националната стратегија за намалување на сиромаштијата, согласно програмата на Владата еден од клучните стратешки приоритети е обезбедување на функционална правна држава, според која е потенцирано дека граѓаните честопати се откажуваат од судска заштита на своите права, поради судските такси“, додаде Маричиќ.
А. П.