Северна Македонија ја има Грција за партнер и силен поддржувач на европскиот пат, напиша вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата со грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Милтијадис Варвициотис во Атина.
Маричиќ во својот Фејсбук профил истакна дека состанокот со грчкиот колега бил значаен и содржаен на кој разговарале на важни теми за двете земји, но и за случувањата во регионот.
„Денешната посета е уште една потврда за постоење на добра политичка волја и потенцијал за меѓусебна соработка во остварувањето на заедничките стратешки цели и нови инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат мобилноста на нашите граѓани, како отворањето на граничниот премин Маркова Нога за кој веруваме дека ќе има успешна реализација и брзо и ефикасно отворање“.
Според него, „добрососедските односи и поддршката која ја имаме од Грција отвораат простор да се фокусираме и да зборуваме за европската иднина и за македонските евроинтеграции“.
Од друга страна неговиот домаќин грчкиот министер за надворешни работи Варвициотис на својот Фејсбук профил напиша дека на средбата е разговарано за билатерални односи, Западен Балкан, проширувањето на ЕУ, енергијата, војната во Украина и регионот на Источниот Медитеран.
Шефот на грчката дипломатија по натаму истакна дека Европскиот курс на Северна Македонија е усогласен со спроведувањето на Договорот од Преспа.
Н. А