Вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бојан Маричиќ , по повод 19 години од поднесувањето на барањето за членство во ЕУ, на својот Фејсбук профил напиша дека сега веќе е јасно и извесно дека Северна Македонија ќе стане членка на Европската унија.
Маричиќ во постот потсети дека со поднесувањето на барањето за членство во Унијата, во Даблин пред 19 години, македонската Влада избра европска иднина за земјата, со што и официјално го започнавме нашето патување низ бриселските процедури до членство во ЕУ.
После 18 години чекање за почеток на преговори со ЕУ и тешките и државнички одлуки кои ги донесовме, успеавме членството на Северна Македонија во ЕУ да го направиме реално и сигурно. Сега е прашање само на мудро искористување на околностите, нашата подготвеност и испорачувањето резултати.
Денес не треба да имаме дилема дали требаше или не да се поднесе апликацијата во Даблин. Стратешки ја позициониравме државата и застанавме на страната на европските вредности, мирот, стабилноста и просперитетот, нагласува Маричиќ.
Наша одговорност е како и пред 19 години сите да се обединиме околу европската перспектива и барањето за членство во ЕУ да го направиме реалност.
Маричиќ вели дека ги имаме сите услови, и позитивна атмосфера и политички моментум, за тоа да го направиме и да ја исполниме желбата на претседателот Борис Трајковски, кој својот последен потпис го стави токму на документот за членство во ЕУ.
Минатата година направивме напредок и исчекор во евроинтеграциите. Очекувам да го задржиме позитивниот имиџ ко го имаме во ЕУ и местото во процесот на евроинтеграција како кандидат, место во иднината на ЕУ, истакна Вицепремиерот.
М. Д.