Министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес конференција на прашањето на ЦИВИЛ Медиа: Што ќе направи Министерството за правно да се заштитат новинарите кои се вербално и физички нападнати?, одговори дека министерството повеќе пати ги имаат осудени сите напади или било какво заплашување и застрашување кон медиумите и новинарите.
„Министерството за правда и јас како министер повеќе пати ги има недвосмилено осудено сите напади или каков било заплашување и застрашување кон медиумите и новинарите. Ние имавме веќе една работна средба со ЗНМ и ССНМ и со Советот за етика, отворени сме за разговор со сите постоечки медиумски здруженија во државата. Ги отворивме овие теми кои се поврзани со зајакната легислатива за заштита на новинарите и генерално на медиусмките работници, веќе таа идеја е пренесена во групата која работи на Кривичниот законик или на создавање на нов Кривичен законик во кој имаме зајакната законска рамка за оние кривични дела кои се потешки кривични дела сторени против медиумски работници, да има зголемени казни. Мислам дека во текот на креирањето на овој Закон ќе продолжиме да разговараме со сите медиумски работници за да најдеме решение кое ќе ја зајакне и законската рамка, но уште поважно и праксата на институциите за заштита на медиумите и новинарите од говор на омраза или пак кривични дела предизвикани од омраза. Така што, ги поканувам медиумските здруженија да продолжиме да разговараме на оваа тема и да најдеме соодветно решение во Кривичниот законик, а паралелно со тоа да се разговара и со Јавното обвинителство и со судството, бидејќи сигурен сум дека на оваа тема можеме да имаме и дополнителна едукација на кадрите и во извршната власт, меѓутоа и во обвинителството и во судството за тоа како подобро да се заштитат медиумските работници при нивната секојдневна работа и соочување со евентуални напади или говор на омраза“, одговори Маричиќ.
А. П.