Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање за имињата на новоотворените бугарски клубови во земјава, изјави дека Владата имала реакција од повеќе официјални лица и таа реакција е јасна и недвосмислена: Не сметаме дека називите на овие клубови придонесуваат за добрососедските односи и ги сметаме за провокација, дека се контроверзни.
-Но мислам дека е многу подобро за нас како демократска држава, членка на НАТО, членка на СЕ, членка на ОБСЕ, кандидат за членство во ЕУ да ги решаваме овие прашања институционално, наместо со насилство.
– Насилството не е решение и не придонесува за решавање на проблемите. Сметам дека и Централниот регистар и надлежните судови и јавното обвинителство имаат опции и по постоечките закони да дејствуваат за зачување на јавниот ред и мир и јавната безбедност во смисла на називите на овие здруженија. По моите информации Централниот регистар веќе постапува во некој од овие случаи но во тек е и работата на ад хок групата која ја формираше Министерството за правда за да се направат законски измени за додефинирање на прашањата поврзани со називите на здруженијата, рече Маричиќ денеска на заедничката прес-конференција со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, по повод презентацијата на најновиот Извештајот на ЕК за земјава.
Тој нагласи дека земјава во моментов има еден од најлибералните закони во Европа за здруженија и фондации, но ќе се направат додефинирања во рамки на меѓународните и европските конвенции за да се избегнат вакви ситуации.
-Отворањето на кој било клуб и чие било здружение во Северна Македонија не е проблем само по себе, но кога тоа ќе се нарече по контроверзни личности, секако дека е предизвик за јавната безбедност и јавниот ред и мир како што видовме, рече вицепремиерот и најави дека на ова прашање ќе продолжи да се работи и да се дефинира и согласно праксата во други демократски држави.
Евроамбасадорот Дејвид Гир забележа дека Северна Македонија има добро досие за односите помеѓу различните заедници. Во тие односи, додава дека треба да се направат напори од сите страни за да се промовира заемно разбирање и заемна почит.
Немам информација дека ќе има намалување на администрацијата, мерките се полесно да се преброди оваа кризна година
Мерките што ги предлагаме како Влада и кои треба да се спроведат преку законите се со една цел – да се подобри кондицијата на Буџетот и на јавните финансии и да се преброди оваа кризна година со најмалку можни последици, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
На прес-конференцијата во Владата, Маричиќ рече дека првпат слуша за намалување на администрацијата како конкретна мерка.
– Немам информација дека ќе има намалување на бројот. Првпат го слушам ова и не можам да коментирам, рече Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата.
Што и да се прави, рече Маричиќ, ќе се прави во разговор со јавната администрација и во договор со сите засегнати страни.
Во институцијата која ја раководи, како што посочи, веќе се разгледуваат мерките што ги донесе Владата и најави дека до крајот на оваа или почетокот на следната недела ќе видат како да се спроведат.
Во однос на прашањето за реформите во јавната администрација, Маричиќ рече дека до почетокот на идната година, кога треба да се направи патоказот за реформи во јавната администрација, ќе бидат опфатени сите прашања коишто се битни за подобрување за ефикасноста и транспаретноста на јавната администрација и за привлекување и задржување на квалитетните кадри.