„Нашите политики се пример за цела Европа – пример како може да силно се негува и промовира културен, етнички и национален идентитет, а во исто време да се работи на изнаоѓање решенија за отворените прашања со соседите“ изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „МК во ЕУ до 2030“ во Куманово.
Тој додаде дека денес никој нема дилема дали сме ние Македонци и дали зборуваме македонски јазик, бидејќи, како што кажа, сите знаат и кои сме и колку се бориме и залагаме на патот кон ЕУ.
„Одиме по овој пат зашто тоа е нашата вековна определба – нашиот народ од секогаш бил за слобода, за мир, за демократија, против окупации, против дискриминации, против агресии – за Европа“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека надминавме тешки препреки за да стигнеме до членството во НАТО и до предворјето на ЕУ.
„Сега ни требаат уште повеќе реформи, силен фокус на реформите со поддршка од Брисел, а не застој, неизвесност, одново чекање и одново враќање назад“ рече Маричиќ.