Попишувачите се обезбедени, а Државниот завод за статистика ги прави последните подготовки“, уверува министерот за правда Бојан Маричиќ, во гостувањето на ТВ21. Министерот вели дека во моментов и обуките на попишувачите се при крај, а здравствените протоколи се одамна заклучени, па сега останува после дваесет години државата во недела да започне да го спроведува пописот.
– Најголемиот дел од попишувачите се самопријавени на огласот, но ограничувачки фактор беше тоа што тие мораа да бидат невработени, а многу малку беа заинтересирани на самиот почеток. Имавме подолготрајна кампања, па дојдовме до бројката од над пет илјади попишувачи, а онаму кадешто недостасуваа, покриваме со лица ангажирани на договор на дело, бидејќи тие не се во редовен работен однос и нив не им тече стаж, изјави Маричиќ.
Според него такви се неколку стотици попишувачи, голем дел од нив биле и од Управата за водење матични книги, кои и онака работат со лични податоци.
Маричиќ апелира сите да земат учество во пописот, бидејќи, како што вели, државата податоците веќе ги има, но тие треба да се потврдат и дополнат.
Меѓу другото, Маричиќ нагласи дека и покрај резултатите од пописот, веќе стекнатите права се загарантирани. Резултатите од пописот нема да доведат до промена во уставните категории.
Тој кажа дека граѓаните треба да имаат доверба и да не стравуваат за своите стекнати права.
-Треба да се означи колку имаме резидентни граѓани, а колку нерезидентни. И двете групи ќе бидат вклучени во крајната вкупна бројка што е битна за уставните категории. Уверувам дека никој нема да загуби никакви права, вели Маричиќ. Министерот додаде дека правата се гарантирани и стекнати и дека, како што вели, никој нема да ги чепка.
– Ни треба реална бројка, не очекуваме големи отстапки, но за правата има политички консензус и никој не треба да се плаши дека некому нешто ќе биде одземено. Ако некој го тврди спротивното тоа се единствено деструктивните политички сили, кажа Маричиќ.
Тој нагласи дека дијаспората веќе се евидентира и тие имаат можност за тоа до 30 септември.