ВЕСТ НА ДЕНОТ
Вицепремиерот Маричиќ во Брисел ги отвори објаснувачкиот скрининг состанок од Кластерот 4
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска во Брисел го отвори објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавје 21 и 14 од Кластерот: „Трансевропски мрежи“ и „Транспортна политика“, „Зелена агенда и одржлива поврзаност“.
Кластерот 4 ги опфаќа Поглавјата 14, „Транспортна политика“, 15, „Енергетика“, 21 „Трансевропска мрежа“ и Поглавјето 27, „Животна средина и климатски промени“, кои во периодот од 15-ти до 20-ти март ќе бидат презентирани пред македонскиот преговарачки тим како дел од новиот корпус на европското законодавство, донесено во периодот по 2018/19 година.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Немам амбиција да бидам првиот премиер Албанец на Северна Македонија, туку сакам да останам запаметен како по реализацијата на проектите од коридорите 8 и 10-д, односно за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и по воспоставувањето на врската Приштина-Скопје-Тирана, изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи денеска во Стокхолм ќе биде примен од страна на шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром. Северна Македонија и Шведска имаат одлични билатерални односи и оваа година слават 30 години од воспоставувањето дипломатски односи, додека Шведска е силен поддржувач на земјава на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ.
ЕКОНОМИЈА Очигледно така сме навикнати во нашето општество, секогаш е последниот ден, дури и кога е за добра работа. Мислам дека го чекаат последниот ден, но утре наутро ќе ги видиме цените, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговарајќи дали е послушана одлуката на Владата за намалување на цената на млекото и млечните производи во продавниците која треба да се применува од 16 март.
МЕДИУМИ Новинарите во Грција, организирани од нивните здруженија, во пет часот утрово започнаа 24-часовен штрајк во рамките на утрешниот генерален штрајк за железничката несреќа, со што земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии, пренесе МИА.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Македонското граѓанско општество со поддршка на Украина во борбата за слобода
„Украина – година на хероизмот“ е заедничкиот наслов на големата конференција што се одржа на 24 февруари, во Домот на АРМ, во организација на ЦИВИЛ и украинската амбасада во Северна Македонија.
Како говорници на третата сесија се обратија Катерина Колозова, Институт за општествени и хуманистички науки, новинарот и аналитичар Љубомир Костовски, Јован Андоновски, Заменик на народниот правобранител, новинарот и аналитичар Никола Наумоски, проф. Ратко Дуев, Философски факултет, Скопје, Астрит Истрефи од Балкан Форум, професор д-р Марјан Ѓуровски, од Институтот за безбедност, одбрана и мир, Филозофскиот факултет на УКИМ, новинарите Дехран Муратов и Драган Мишев од ЦИВИЛ Медиа.
АЛБ-ПРЕС
Фајненшл Тајмс излезе со статија за актуелните политички проблеми и последните скандали, со наслов „Дрога, шпиони и камери: Албанија се бори да ги спречи криминалните банди“, пренесуваат албанските медиуми. Продолжуваат контроверзиите со албанската Централна изборна комисија и Демократската партија која не ја регистрираат за локалните избори на 14 мај… Ова се само дел темите од денешниот избор на редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
СЛОБОДНА ЗОНА

Не можам, а да не го споделам впечатокот дека опозицијата и медиумите кои се влечат по нејзините опашки, едноставно, не можат да се помират со реалноста. Мега проектот за изградба на патиштата многу тешко ги погоди. Со фантастични 1,3 милијарди евра ќе се изградат 110 километри патишта. Ќе градат американски и наши фирми. Половина од парите, 600 милиони евра, ќе се слеат во домашните компании. И сѐ мора да биде според планот, прецизно и квалитетно. Тоа е голем проблем. Ама само за ВМРО-ДПМНЕ и за компаниите што се навикнати на нивните дилови, пишува Џабир Дерала во колумната „А бе земете лопатата и сработете нешто!“.

Од атентатот врз српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ минаа две децении. Јасно е дека извршители на тој чин беа оние кои седеа врз акумулираниот капитал од црниот пазар на Србија, па и од регионот. Тоа не значи дека ја нема и политиката. Напротив, од несопирливите криминални рути живееле добри и оние на Дедиње и оние во Земун. Нив меѓу другото ги поврзувал и шверцот со цигарите, кој на Балканот си нашол свое Елдорадо, пишува Љубомир Костовки во анализата „Животот на Зоран Ѓинѓиќ во ножиците меѓу душманите од Дедиње и Земун“.
„Дрога во пијачка“, „кафуле“, „Оливер Спасовски“, „дилери Албанци“, „МВР“, „власта предводена од СДСМ и ДУИ“, „државата“, „институциите“, „самоубиство“, „немите новинари“… се главните поенти (виновници) околу смртта на 18 годишно момче во Скопје, што се објавуваат на социјалните мрежи.
За овие „епитети“ се погрижи професорката на УКИМ, Виолета Ачкоска, која денеска ја избриша од Фејсбук објавата за смртта на средношколецот од СУГС „Георги Димитров“, со која предизвика паника, револт и страв меѓу граѓаните. Таа вчера на својот Фејсбук профил објави дека младо момче почина како последица од дрога што му била ставена во пијачка во кафуле, пишува Дехран Муратов во коментарот „Професорката Ачкоска пишала па ја избришала објавата за смртта на средношколец во Скопје“.

Владејачката Неа Демократија ја губи поддршката на гласачкото тело кое и беше наклонето во истражувањата на јавното мислење направени пред железничката трагедија која однесе 57 животи.
Новите анкети покажуваат дека левичарската партија Сириза направи голем скок и се доближи до Неа Демократија до ниво на статистичка грешка. Четири нови анкети го потврдија падот на популарноста на Нова демократија. Пред несреќата, разликата меѓу Неа Демократија и Сириза беше во просек 6-7%, пишува Борјан Јовановски во анализата „Владејачката Неа Демократија тоне во сондажите на јавното мислење, Ципрас пред нова победа“.
Д. Муратов












