„Нашата држава повеќе не може да си дозволи „луксуз“ и да остане без попис уште неколку години. Дотолку повеќе што државите членки на Обединетите Нации се обврзани спроведуваат попишување на населението и имотот“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ на онлајн-конференцијата во организација на „Рома Интеграцион Центрум“ и го поздрави донесувањето на Законот за попис во Собранието.
Министерот кажа дека е време да се престанеме да се гледа на пописот како на политичко прашање, кое служи само за да се пребројат етничките заедници во нашата земја и како општество да се фокусираме на тоа како пописот може да биде своевиден катализатор на развојот на државата и планирањето на политиките, особено за најранливите категории на граѓани.
„Без да знаеме колку точно жители има некој град, село или населено место, што точно работат, какво образование имаат, со каков имот располагаат, што точно им е потребно, нема да можеме да креираме долгорочни развојни политики и да имаме соодветен слух за потребите на сите граѓани“, изјави Маричиќ.
Министерот порача дека покрај населението со потписот ќе се попишат и нашинците во странство, односно дијаспората, а во Заводот за статистика веќе се изработува и посебна промотивна кампања преку која на овие лица детално ќе им се објасни како да учествуваат во процесот, за сите да можат да го искористат своето право.