По повод Меѓународниот ден за солидарност со палестинскиот народ, 29 ноември, „Сите за Палестина“ повторно повикуваат на марш!
Маршот ќе се одржи в сабота, во 12 часот пред споменикот „Симфонија на мирот“ наспроти гимназијата „Јосип Броз Тито“ ќе продолжи до Собранието и до Министерството за надворешни работи.
„Изминатиов месец посведочивме дека прекинот на огнот се покажа како чиста фарса и пропагандна алатка. Израел продолжува со своите напади убивајќи стотици луѓе, а Газа и натаму е оставена без основни добра и услуги. Згора на тоа, нејзиното население моментално страда од поплави и многумина немаат ни елементарни услови за живот. Нашата држава и понатаму срамно молчи. Неколку дена по нашата посетата на претседателката, нè пречека вест за последната донација од Израел – детско игралиште од геноцидниот ентитет што уби над 20.000 деца, а во овој „прекин на огнот“ убива по две деца дневно. „Бесрамно“ е мал збор за да се опише овој чин“, се вели во повикот на „Сите за Палестина“.
*
Меѓународниот ден за солидарност со палестинскиот народ се одбележува од 1977 година со донесување на Резолуцијата 32/40 Б од Генералното собрание на Обединетите нации. 30 години претходно, во 1947 година истото Собрание ја усвои резолуцијата 181 (II) за поделба на Палестина.
Во резолуцијата 60/37 од 1 декември 2005 година, Генералното собрание побара од Комитетот за остварување на неотуѓивите права на палестинскиот народ и од Одделот за палестински права – како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на солидарност со палестинскиот народ на 29 ноември – да продолжат да организираат годишна изложба за палестинските права или да одржат културен настан во соработка со Постојаната набљудувачка мисија на Палестина во Обединетите нации. Резолуцијата за ова одбележување, исто така, ги охрабрува земјите-членки да продолжат да даваат најширока поддршка и публицитет на одбележувањето.
Б. Ј.












