Матуранти денеска не се вклучија во онлајн-наставата и во почетокот на второто полугодие од учебната година. Организирани од Средношколскиот сојуз, почнаа бојкот зашто бараат да полагаат два наместо четири (три екстерни и еден интернет предмет) од државната матура – спротивно на ставот на МОН дека оваа година нема да има измени во бројот на испити, но дека ќе се полага по скратени програми.
Претседателот на Средношколскиот сојуз Бленди Ходаи за МИА изјави дека според известувањата од нивни ограноци, бојкот има во средни училишта во 20 градови, вклучително и во Скопје, а онаму каде што не почнал е зашто не биле известени и дека ќе бојкотираат од утре.
Рече дека вчера имал онлајн-средба со министерката Мила Царовска за повторно, како и пред два месеца, да побараат намалување на бројот на предметите за државна матура, односно да полагаат два – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и втор предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира.
– Немавме договор за намалување на бројот на предмети. Како и на средбата што ја имавме во декември, министерката рече дека тоа ќе се земе предвид за новата концепција за државна матура од идната учебна година и дека Државниот испитен центар нема време сега да ги намалува, рече Ходаи.
Средношколски глас, пак, собира онлајн-потписи за неполагање на државната матура, но Ходаи вели дека Средношколски сојуз не е за целосно укинување на матурата.
– Со нив разговаравме во декември. Ние во јануари се консултиравме со сите средношколци и одлучивме дека е добро да бараме намалување на бројот на предметите, не целосно укинување. Нашиот став беше јавен дека не може да се укине државната матура, изјави Ходаи.
До кога би траел бојкотот и што понатаму кога нема отстапка од МОН, Ходаи одговори дека планираат една недела бојкот, а за следните чекори дополнително ќе одлучат.
-Првата недела планираме бојкот, а потоа ќе одлучиме дали ќе имаме протест или друга активност за да се прифатат нашите барања, додаде претседателот на Средношколски сојуз.
-Различна е сликата со бојкотот на наставата од матурантите. Една гимназија во Скопје има поорганизирано дејствување, сите други се изолирани групи во дел од гимназиите. Во Медицинското, на пример, нема ниту еден ученик што бојкотира. Тоа се мали групи кои искажуваат незадовлство и тоа е нивно легитимно право, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.
Во одговор на новинарско прашање по средбата со наставници од основни училишта посветена на нацрт-концепцијата, Царовска рече дека во интерес на учениците и на квалитетното образование во земјава е да се спроведе државната матура според актуелниот концепт. Треба да се менува, рече, но тоа ќе биде за наредната генерација матуранти кои ќе ја полагаат во 2022 година.
За таа цел, посочи Царовска, на состанок вчера со претставници на Сојузот на средношколци договориле да се формира работна група која од понеделник, заедно со Матурскиот одбор и со Државниот испитен центар кои се задолжени за државната матура, ќе работат да се подготви нов концепт за наредната учебна година.
– Секако дека се потребни измени во концептот за матура, но оваа година е законски утврдено како се полага и зошто се полага матура, и од тоа нема бегање. Концептот е утврден на почетокот на учебната година и тој се спроведува во моментот. Секое поместување ќе им направи проблем на учениците за запишување во високото образование надвор или во земјава. Токму затоа утврдивме дека сега одиме со овој концепт. Повеќе од 14 илјади ученици имаат пријавено да полагаат – и проектна задача и да ги полагаат предметите, истакна Царовска.
За да се осовремени завршниот испит, и за оваа година, рече, направиле некои промени – во проектната задача и во проширување на листата на изборни предмети за третиот екстерен испит со Географија и Информатика.