пишува: АЗБИ НУРЕДИНИ
Чуму овој молк на невладините за мега аферата со ПИОМ, што ја откри министерката Царовска која јавно обелодени дека се оштетени над 12.000 граѓани од незаконското работење во ПИОМ и дека државата мора да ги обесштети оштетените граѓани со по околу 400.000 денари, а обвинителството овој случај експресно го затвори соопштувајќи ѝ на јавноста дека нема ништо незаконско во работењето во ПИОМ?!
Каде се независните медиуми да истражат во врска со овој случај?
Се работи за случај кој беше документиран и објавен јавно, ни помалку ни повеќе, туку од Министер во влада на РСМ, со точни бројки на оштетени и со пресметан износ за обесштетување?!
Некој некого ЛАЖЕ!
Или Обвинителството нешто крие, па експресно затвори така обемен и тежок финансиски случај на злоупотреба, проневера, што ли е, но некој треба да излезе да каже! Или, пак, Министерката “сонила” нешто, па излегла на прес конференција и си „тропна нерасонета“ за така тежок криминал кој тежи повеќе од 20 милиони евра?! Или, пак, во владата „полуделе“, па си плаќаат со народни пари сѐ што ќе им шепне некој кога ќе му фалат пари?!
Очигледно е дека, во триаголникот Влада – Обвинителство – Државен правобранител, функционираат беспрекорно во затајување на овој „несреќно јавно објавен случај”! Но несфатливо е како тоа да не се занимава ниедна од невладините организации со заташкувањето на ваков драматичен скандал?!
Исто така, неразбирливо е како тоа оглувеа „независните“ медиуми и новинари и „пропуштија“ да реагираат на одличната координација на државните институции Влада – Обвинителство – Државен правобранител за затајување на мега аферата со ПИОМ, тешка неколку десетици милиони евра. Дали тоа некои од засегнатите во оваа афера ги поткупи и невладините и новинарите за да премолчат ваков невиден скандал?!
Ваквиот МОЛК за таков тежок скандал е за да се плаши нормален човек?! Но судејќи по молкот на нормалното во општеството кон ваквата појава, се плашам дали останал жив некој нормален во РСМ?!
Ако е така како што вели обвинителството тогаш зошто Владата платила – префрлила народни пари, 18 милиони евра, од Буџетот во еден од пензиските фондови за обесштетување на ОШТЕТЕНИТЕ ГРАЃАНИ?!
Што работи државниот правобранител, каде е да реагира по допрен глас, да ги брани интересите на државата, ако нема неправилности,злоупотреби во ПИОМ да ѝ сугерира на владата да не плаќа Народни пари од Буџетот за обесштетување? Според обвинителството, „нема незаконско работење во ПИОМ“. Зарем со такво постапување не се прави кривично дело со тоа што се префрлуваат народни пари во пензиски фонд за нешто што обвинителството констатирало дека нема злоупотреба?!
Дали некој од владата можеби треба да одговара кривично за префрлување на народни пари во пензиски фонд за обесштетување, за кои обвинителството претходно кажало дека нема злоупотреба, а со тоа и нема настанати штети?!
Кому му служи владата со затајувањето на овој тежок финансиски случај?! На народот или на инкриминираните функционери?!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.