• Latest
Будинарци, 8 јули 2021 (фото: Џ. Дерала/ЦИВИЛ)

Меѓу шумските и политичките пожари

August 9, 2021

24 ЧАСА: Јовановиќ „потврди“ – Македонија е на четврто место во Европа, ама одзади; Ден на сеќавање на украинските деца; Геноцидот продолжува – затворени центрите за помош во Газа

June 4, 2025
Фото: ВИ

РЕАКЦИИ: Од сојузници до непријатели: Арсовска и Мицкоски во жесток судир пред избори

June 4, 2025

ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Дали сте за една изборна единица?

June 4, 2025
Фото: Скриншот СР24

Маск го нарече даночниот закон на Трамп „одвратна гнасотија“

June 4, 2025

Бранимир Јовановиќ за ЦИВИЛ МЕДИА: Македонија навистина е четврто место во Европа по економски развој – ама од позади!

June 4, 2025
Руте: НАТО работи на одржување на стабилноста на Западен Балкан

Руте: Украина е поканета на Самитот на НАТО, но нема формално ветување за влез во Алијансата

June 4, 2025
Избирачки ливчиња (фото: МИА)

Нови дилеми – Една ИЕ жежок костен за политичката елита!

June 4, 2025

Европската Унија додели 50 милиони евра за вработување на млади во Албанија

June 4, 2025

„Европски фронт“ поднесе интерпелација за претседателот на Уставен суд Костадиновски, поради прекршување на Законот за употреба на јазиците

June 4, 2025
Фото/, Х на унраинската амбасадорка Лариса Дир

Амбасадорката Дир: На 4 јуни оддаваме почит на децата чии млади животи ги одзеде државата-агресор, која одбива да го прекине огнот

June 4, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ФОРУМ КОНТЕКСТ

Меѓу шумските и политичките пожари

„Немојте да ми го карате фапчето!“ – вели пожарникарот покрај ФАП-овиот противпожарен камион. Трагите на уморот се видливи на неговото лице, но тој е истовремено ведар и насмеан. Нема кај не се качил „фапот“, коментираат други пожарникари.

August 9, 2021 12:22
in ЗЕЛЕНИ, КОНТЕКСТ, ОПШТЕСТВО, ТОП 5
Будинарци, 8 јули 2021 (фото: Џ. Дерала/ЦИВИЛ)

Будинарци, 8 јули 2021 (фото: Џ. Дерала/ЦИВИЛ)

Share on FacebookShare on Twitter

пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

„Немојте да ми го карате фапчето!“ – вели пожарникарот покрај ФАП-овиот противпожарен камион. Трагите на уморот се видливи на неговото лице, но тој е истовремено ведар и насмеан. Нема кај не се качил „фапот“, коментираат други пожарникари.

Малку понатаму, нашите пожарникари застанале со австриските и разговараат, кој колку умее. Сепак, најмногу се разговара со рацете и со изразот на лицата. Се чувствува човечката блискост, пријателството. На сите им значи што дошле новинари, политичари, волонтери. Знаат дека не се сами во оваа битка.

Австриските пожарникари кај Будинарци, 8 јули 2021 (фото: Џ. Дерала/ЦИВИЛ)

НАЈЖЕШКАТА ТЕМА

Видовме како се запалија планините, видовме и како се гасат. Со енергична акција, со пожртвуваност на нашите најголеми херои, пожарникарите, како нашите, така и странските, извесно е дека ќе однесеме победа над огнената стихија. Тие пожари ќе згаснат, дрвјата ќе пораснат, штетите ќе се надоместат. Видовме и како се палат политичките пожари. Дел од политичарите, оние што постојано ги гледаме како остануваат покрај шините, ја искористија и оваа неволја што ја снајде нашата земја, па поитаа да ќарат по некој предизборен поен во јавноста.

Пожари во Малешевијата (стоп-кадар од снимка на А. Петровски/ЦИВИЛ)

Рано наутро, в недела, на 8 јуни, се собра една, само навидум малку веројатна, екипа, Војо Маневски, Атанас Петровски и јас. Тргнавме кон столбовите од чад, да видиме како се гасат пожарите во Малешевијата. Дел од тимовите ни е по одмори, други користат викенд, само малкумина се останати да дежураат на нашите дескови. Затоа, решивме да одиме ние, „најмладите“. Сите заедно имаме „само“ 164 години. Инаку, што би правеле нашите 164 години в недела, ако не да се занимаваат со – буквално – најжешката тема?

Тимот на ЦИВИЛ и ТВ Ирис, во позадина се гледа легендарното „фапче“ (фото: Џ. Дерала/ЦИВИЛ)

НЕМА ВРЕМЕ ЗА ЕСПРЕСО

Тукушто седнав во „Даблин“ во срцето на Штип и нарачав еспресо, кога ме стаса порака дека премиерот ќе биде кај Будинарци. Па тоа е едно од жариштата, потврдува Војо кој пристигна речиси истовремено со Ата. Нема време за еспресо. Се качуваме во службениот Мицубиши и тргнуваме. Возиме низ живописните предели и дискутираме.

Војо е стара београдска школа и разговорот често го зачинува со анегдоти од неговото новинарско искуство во неколку српски редакции во 80-те и 90-те. Ата е познат мрчатор од скопско, па разговорот го збогатува со урнебесни фори. Бидејќи е често по патиштата, ги знае сите грмушки зад кои се кријат радарите на сообраќајната полиција.

Војо го познава регионот до последната педа и сите личности и настани од подалечната и поблиската историја. И, сите локации на сегашните пожари. Извонредна подготовка за денот пред нас. Застанавме на едно место на половина пат и Војо направи стендап, со најава на нашето патување. Искусен шмекер, нема што.

Хеликоптер ги гаси пожарите над Малешевијата, фото: Џабир Дерала

СО СТАРИОТ ДЕФЕНДЕР И НОВАТА ДАЧИА

Кај Будинарци нè пречекаа неколку полицајци и волонтери. „Не можете натаму со ова возило“ – вели еден од полицајците – „појдете со нас, само што не сме тргнале“. Не се чека ни секунда, нема време ни за цигара. А и густите облаци од чад од активниот пожар на хоризонтот, некако, и ја тргаат раката настрана од џебот со цигарите. Стариот полициски „Дефендер“ и една нова „Дачиа“ на ЕВН нè прибраа нас и две други екипи.

Патем, дознаваме дека пожарникарите и волонтерите, нашите и австриските, се борат со огнот веќе четири дена и ноќи, речиси без спиење. Логистиката е обемна. Евакуација на луѓето што живеат таму, постојан дотур со храна и вода до борците со оганот, обезбедување на регионот… Често, на пожарникарите можат да им пријдат само моторцикли со четири тркала или крос мотори. Тие им носат вода.

Будинарци, 8 јули 2021 (стоп-кадар од снимка на А. Петровски/ЦИВИЛ)

„Нам ни е важно да го изгасиме пожарот“ – вели еден од пожарникарите кога стасавме таму. Не сака да ги коментира социјалните мрежи и пропагандата. „На крајот, вистината секогаш избива на виделина“ – додава друг.

Се приближуваме кон една поголема група униформирани луѓе. Тоа се австриските и македонските пожарникари. Меѓу нив е и премиерот, министерката за труд и социјала, неколку градоначалници од тој регион и директорот на ЦУК. Разговараат брзо и отсечно, разменуваат податоци, креваат телефони.

Пред брифингот за новинарите: Шахпаска, Заев, Ангелов

БРИФИНГ СО ВОЈНИЧКИ РЕЧНИК

Се направи простор за новинарските екипи и без многу воведи започна брифингот. Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов, во нему својствен стил, зборуваше отсечно, војнички. Ситуацијата е тешка, но не е безизлезна. „Најсериозна е ситуацијата во околината на Берово и Пехчево“ – вели поранешниот полициски генерал – „во моментов, армиски хеликоптер дејствува врз него, но има и многу противпожарни сили што се околу пожарот и верувам дека во текот на денешниот ден ќе воспоставиме целосна контрола врз овој досега најсериозен пожар кој предизвика најголема штета“. Потоа ги наброја другите „жаришта“, Дрен и Смолане во Прилепско, Џиџимирци, велешко, скопските Сарај и Буковиќ, Кумановско…

Потврди дека нема човечки жртви, што е најважно. Српските хеликоптери завршиле еден дел од работата, а потоа се упатиле кон Атина, каде што ситуацијата е уште потешка. Романскиот авион „дејствуваше“, но тој се употребува само под строго определени безбедносни протоколи…

Стојанче Ангелов, Директор на ЦУК

ДОДЕКА НЕ НАГАЗИ ПОЖАРНИКАРСКА ЧИЗМА

Пожарите се локализираат, австриските, словенечките и бугарските пожарникари, рамо до рамо со македонските, се борат на „фронтот“. Војо го прашува, што по гаснењето на пожарите. „Исто како во војна“ – вели Стојанче – „авијацијата може да дејствува колку сака, но додека не нагази војничка, а во случајов, пожарникарска чизма, пожарот не може да се смета за изгаснат, бидејќи може да останат жарчиња кои може повторно да предизвикаат пожар“.

Feuerwehr

Сè се одвива брзо. Премиерот, во речиси истиот манир, детално ги наброја локациите каде што бил уште од шест часот изутрина. Ја објасни ситуацијата како некој што учествува во организирањето на „борбените дејствија“ против пожарот и не е во протоколарна „прошетка“ на терен. Не испушти да ја искаже благодарноста за, како што ја нарече „братската помош“ од сите земји.

„Сите имаат задачи, се знае точно каде се распоредени“ – вели тој, покажувајќи со рацете зад себе кон ридовите обвиени со чад. Сподели дека во областите зафатени со пожарот, 30-40 отсто од зелената површина е неповратно уништена, но дека, сепак, поголем дел, 60-70 отсто, може да биде обновено.

Јагода Шахпаска, Министерка за труд и социјална политика

СИСТЕМОТ ФУНКЦИОНИРА, ГРАЃАНИТЕ МОЖАТ ДА СМЕТААТ НА СВОЈАТА ВЛАДА

„Граѓаните можат да сметаат на својата влада. Владата, државата, буџетот – постојат за граѓаните“ – рече Заев самоуверено. Државата ќе обезбеди надомест за штетата. И ќе има голема сеидба на дрвја, за да се надомести губитокот на дел од „белите дробови“ на земјата.

Зборуваше и за вакцинацијата, новите мерки за заштита од четвртиот бран од Ковид-19, за тоа дека ќе се обезбедат услови за одржување на пописот и на локалните избори. Ја потврди својата заложба да се намали или укине изборниот праг за да се слушне гласот на помалите.

Бил на „одмор“ три дена. „Сепак, почувствував дека народот сака да ме види овде“ – рече Заев, но не испушти да каже дека системот функционира, илустрирајќи го тоа со зборовите: „Пет странски сили работат сплотено.“

Будинарци, 8 јули 2021

„Постојано е отворен повикот. Секој може да се обрати за помош. Ние сме подготвени да одговориме на барањата од граѓаните“ – рече министерката за труд и социјала, Јагода Шахпаска. На тоа, се уфрли Заев со најнови податоци – дека пожарникарските екипи успеале да воспостават контрола и на потегот меѓу Берово и Пехчево. Брифингот заврши за 20 минути. За тоа време, најголемиот пожар во земјата во моментот беше ставен под контрола. Тргнавме надолу.

Зоран Заев

ВРАЌАЊЕ

На падините над Будинарци врие од возила и луѓе. Но сè има некој чудесен ред. Веднаш се најдовме со истиот полицаец, кој без збор нè поведе кон стариот „Дефендер“. Правам набрзина уште неколку фотографии од прастариот ФАП, но внимавам во кадар да ми влезе и новиот, модерен МАН со натпис Feuerwehr. И двата можат да завршат работа. И двата носат вода и гаснат пожари.

Стариот воин, меѓу две битки со огнот… Територијална противпожарна единица – Штип (фото: Џ. Дерала/ЦИВИЛ)

Не знам зошто (а знам), се сетив на една акција пред 20 години, кога се собираше оружјето по конфликтот во 2001 година. Некои тогаш беа гласни дека било предадено само старо оружје. „И старото и новото оружје убиваат“ – кратко прокоментира тогаш еден искусен воен волк во разговор со мене, оф д рекорд.

Сонцето навлезе во втората половина од својата вжарена патека. Тргнавме кон Виница, за која Војо не испушти да ни каже едно чудо факти и кратки стории за луѓето, за историјата, за економијата и инвестициите, за убавите и чисти улици…

Натаму вози Ата, додека јас на задното седиште го средувам материјалот и впечатоците. Нема смисла да бркаме дневни вести. Сепак, ќе направиме репортажа, се согласуваме тројцата.

Во полицискиот „Дефендер“

АНКЕТА: СИСТЕМОТ НЕ ФУНКЦИОНИРА, НЕМА КАМИОНИ

На виничките улици речиси нема никакво движење. Седнавме во едно кафуле да земеме здив и да го испиеме „утринското“ еспресо. Добро, Ата, кој си има мака со забите, прибегна кон течен појадок од јачмен. Пладневната тишина ја разби една свадбена колона од возила. Војо и Ата станаа да се прошетаат во околината, да поразговараат со луѓето – да го проверат слушнатото на падините над Будинарци. Се вратија по некое време.

Разговарале со неколкумина, а снимиле само двајца. Тенка ми е некако анкетата. Не знам како и дали ќе се вклопи во видео материјалот. Но можам да ги прераскажам накратко. Според Војо, луѓето со кои разговарале, имаат многу пофални зборови за пожарникарите и голема благодарност кон странската помош. Сепак, според еден од нив, системот не функционира добро. Неговите искази се речиси идентични на оние што ги објавуваат Мицкоски и компанија на социјалните мрежи. Нема камиони е главниот „аргумент“ на соговорникот на Војо. А и парите одат на друго место, а не каде што треба, уверен е граѓанинот.

Тони Ѓоргиев, пожарникар

ПОЖАРНИКАРОТ ТОНИ

Во Штип се сретнавме со пожарникарот Тони Ѓоргевски. Го прекина својот дневен одмор по деноноќна битка со пламените јазици низ источните краишта на нашата земја, за да се сретне со нашата екипа.

Од разговорот со него ќе ми остане во сеќавање човечката топлина со која зборуваше за пожарникарскиот позив и за храброста на неговите колеги пожарникари кои без колебање се соочуваат со ризиците од пожарите, без оглед на ограничените ресурси. Стана збори и за тоа дека, кога се потребни, тогаш се херои, но кога нема пожари, тогаш, според некои, тие се непотребен товар на општините. Но и тоа се променило во меѓувреме. Го препорачувам видео прилогот со храбриот пожарникар.

Да, некаде на половина пат од Штип до Виница, и јас направив еден стендап. „Фидел Кастро“ – прокоментира Ата, како и секогаш и почна на долго и нашироко да му раскажува на Војо како јас сум зборувал многу пред камера. Стара му е фората.

Патешествието го завршивме кај „Заки“. Ама, тоа е веќе друга приказна…

 


текст, фотографија и монтажа: Џ. Дерала
камера: А. Петровски
ФБ Албум


Creative Commons 4.0 (текстот, видеото и фотографиите се достапни за преземање, со атрибуција до изворот и авторите)

Print Friendly, PDF & Email
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Бранимир Јовановиќ за ЦИВИЛ МЕДИА: Македонија навистина е четврто место во Европа по економски развој – ама од позади!

    95 shares
    Share 38 Tweet 24
  • Осумнаесетгодишниот син на Блерим Беџети од ДУИ примил 12.000 евра од Комунална хигиена – Скопје за „интелектуални услуги и совети“ за заштита на животната средина

    95 shares
    Share 38 Tweet 24
  • Украинските дронови погодија над 40 руски стратешки бомбардери во шокантен напад далеку зад линиите на фронтот

    94 shares
    Share 38 Tweet 24
  • (ВИДЕО) Експлозија во Ставропол го уби рускиот функционер кој ги предводеше нападите врз украинскиот Мариупол

    92 shares
    Share 37 Tweet 23
  • Поранешниот командант на ОВК, Бреза, уапсен по 22 години бегство

    92 shares
    Share 37 Tweet 23

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ