Тоа што немаме за првпат ромски претставник во Собранието е резултат на лошата политика на мејнстрим (поголемите) политички партии кон Ромите. Тие секогаш поставуваат некои Роми кои се само декор во политичката власт и според изборниот модел не може да дојде до израз реалната политичка сила на ромската заедница, вели Елвис Мемети од политичката партија АВАЈА, во интервју за ЦИВИЛ Медиа.
„Не можеме да издејствуваме промена ако цело време сме само декор и да чекаме само некој нешто да ни даде или да нè постави во дадени позиции. Секогаш кога тоа го прават ние постигнуваме само индивидуален напредок и резултаи, или ограничени интервенции кои не може да ја променат промената. Јазот помеѓу Ромите и мнозинството население е тродупло или десетократно повеќе во сите сегменти од областите за кои зборуваме и мора да има десет пати повеќе интервенции за да може да дојдеме до подобра стартна позиција“, вели Мемети.
Во однос на Министерството без ресор, предводен од Шабан Салиу, Мемети смета дека редно беше после 30 години да има министерство со ресор кој ќе има сопствен буџет, меѓутоа очекува со ребалансот на буџетот сепак да се издвојат средства кои ќе бидат наменети за решавање на проблемите со кои се соочува ромското население.
„Мнозинското население не ја разбира својата „ахилова пета“ во општеството, како да не ги разбира пораките дека интервенциите треба да бидат концентрирани кон најслабите за да има помрднување во генералниот систем“, вели Мемети.
Тој додава дека повеќе од 30 години немаме претставник од ромската етничка заедница во дипломатската свера, во конзулатите, во амбасадите.
„Меѓутоа, да не одиме понатаму, ние 30 години се бавиме со област која се вика „без ресор“ тогаш за каков сериозен пристап можеме да зборуваме за ромската лојална заедница која што 30 години е манипулирана во однос на политичката свера“, вели тој.
Мемети додава дека ромската заедница сака што побрзо да почната преговорите со Европската унија и час поскоро да станеме дел од европското семејство.
Дехран Муратов
камера, монтажа и фотографија: Ариан Мехмети