Девет лица е последната официјална бројка за заразени со коронавирусот во земјава. Испитувања вчера беа направени на вкупно 12 нови лица, од кои две беа позитивни, а за другите се чекаа резултати. Мерките што ги донесе Владата се спроведуваат. Учениците и хронично болните не одат на училиште и на работа. Здравствените работници не смеат да користат одмори.
Владата донесе мерки за заштита како затворање на градинките, училиштата, факултетите, студентските домови, забранети се масовни јавни настани, организирани патувања во високоризичните држави.
На границите има зајакнати контроли, при излез од државата особено контролата на автобускиот превоз и дестинацијата. Покрај училиштата препорака е да прекинат со работа и библиотеките, студентските и ученичките домови во наредните 14 дена. Да не се преполнуваат игротеките, надвор да нема големи групи деца на мало растојание.
Забранети се и масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на државата, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1 000 учесници.
Физичките и правните лица кои нема да ги почитуваат или ќе ги прекршат препораките од Владата ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека согласно дополнителните мерки, активности и препораки на Владата за превенција од ширење на болеста КОВИД-19, следните категории на лица треба да бидат ослободени од работа и работни активности, врз основа на приложена потврда од матичен лекар за следниве состојби – хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни заболувања, дијабет ТИП 1, малигни заболувања и имуно-компромитирачки состојби.
Од МТСП посочуваат дека за вработените лица во институции и фирми кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение за кого е неопходна домашна грижа, еден родител да биде ослободен од работа и работни активности и отсуството за време на овој период да биде евидентирано како оправдано од работодавачот.
Овој заклучок се однесува и на самохраните родители.
Сите информации за коронавирусот, прес-конференции, одлуки од седница на влада, прашања и одговори, како и листата на земји со ниско, средно и високо ниво на ризик од коронавирус можат да се следат на веб страницата http://zdravstvo.gov.mk/
Поради состојбата со коронавирусот денеска ќе се одржи и лидерска средба со оглед на тоа што на 23 месецов треба да стартува изборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 12 следниот месец.
Од Владата порачаа дека неодговорноста е најопасна за ширење на корона вирусот, справувањето со овој проблем не треба да се сведе на хајка против оние кои се заболени или се во изолација, ниту пак некој треба да профитира политички на сметка на здравјето на граѓаните. Ако дојде до зголемување на бројот на случаи ќе се преземат и други дополнителни мерки како што е прогласување кризна состојба, но засега нема потреба од тоа.
Владиниот кабинет тврди дека има доволен број тестови односно од 1.000 што се на располагање, а потрошени се 40, како и дека засега нема да се воведат посебни економски мерки, но владините економски ресори се во постојана комуникација со стопанските комори и до крајот на неделата ќе имаат дополнителни проценки.
Во случај да дојде до продолжување на четиринаесетдневното затворање на воспитно образовните институции, од Владата велат дека школската година може да се организира со скратена наставна програма ако има потреба. Сега не се организира само наставата, а наставниот кадар ќе доаѓа на работа само доколу иманеодложни работи. Со владините мерки се предвидува платено отсуство од работа за родителите со деца до 10 години во тек на прекинот на работата на градинките и училиштата. Тие отсуството ќе го оправдаат со потврда за детето од градинка или училиште, а којшто треба да ја достават пред пресметката на платата.












