Метлата на директорите повторно заглави во лавиринтите на меѓупартиските уцени и пазарења. ДУИ е тврд орев во преговорите. Партиски извори од ДУИ се фалеле дека ќе бидат сменети само директорите што Али Ахмети ќе каже дека може да се сменат.
Најверојатно, како што сега стојат работите, ќе бидат сменети седум директори од партијата Нардона демократска преродба (НДП) на Весел Мемеди кој неодамна ја напушти владината коалиција и даде оставка од функциите пратеник и потпретседател на Собранието на РСМ.
Помалите партии во владината коалиција предводена од СДСМ се „наострени“ и вршат притисок врз владиниот врв да „пушти срце“ и да ги подели функциите што останаа испразнети по повлекувањето на Мемеди. Но, дали ќе биде така, зависи од тоа како ќе завршат преговорите во владината коалиција, најмногу од ДУИ.
Ќе се бира нов директор и на Македонски железници, на местото на починатиот Шабан Зендели од партијата Алтернатива, крилото на Африм Гаши што се одвои од Движењето Беса кое го предводи Билал Касами. Местото на разрешениот Ваљон Беља од ДУИ ќе го преземе друг функционер од истата партија.
А. Зеќири