Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ќе се брани од слобода. Укинувањето на куќниот притвор следува бидејќи денеска истекуваат 60 дена откако беше изречена првостепената пресуда за „Титаник 2“ каде тој доби затворска казна од три години. Според закон, по изрекување на пресудата, судот може да изрече притвор додека таа не стане правосилна, но тој не може да трае подолго од 60 дена.
Пресудата беше изречена на 8 март, а по 60 дена таа сѐ уште не стана правосилна. За да стане, потребно е Апелацискиот суд да се произнесе за жалбите.
Од Кривичниот суд соопштуваат дека со одлуката за укинување на куќниот притвор, на ексдирекорот на УБК, Мијалков му се изречени мерки на претпазливост: одземен му е пасошот, добил забрана за напуштање на државата со лична карта, но и обврска еднаш неделно да се јавува во судот.
Против одлуката на судот, СЈО има право на жалба до Апелација.
За потсетување, кога во Кривичен на 8 март беше соопштена пресудата, по барање на СЈО, Мијалков доби притвор во Шутка, но тој се жалеше до Апелација која одлучи да му го замени затворскиот со куќен притвор.
Покрај ексшефот на УБК, во „Титник 2“, на 3 години и 2 месеци е осуден и лидерот на ДПМА, Мендух Тачи.
Затворски казни добија и поранешните членови на ДИК. Најмногу доби Бедретин Ибраими 4 години и 6 месеци додека Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев добија по три години затвор.
Предметот се однесува за пазарење за гласови во ДИК во однос на приговори за гласање во Струмица на локалните избори во 2013 година.